Хелсиншки: Укинувањето на притворот на Кочан е политичка, а не правна одлука

by fokus

Хелсиншкиот комитет за човекови права се сомнева дека одлуката на Врховниот суд да го укине притворот на бизнисменот Сеад Кочан осомничен во случајот „Труст“ е политичка.

-Постапувањето на Врховниот суд отвора сериозен сомнеж за политички влијанија за усвојување на незаконското решение што произлеугаваат од прераспределувањата на судии во Врховниот суд и Основниот Суд Скопје I, непосредно пред усвојувањето на решенијата, односно за време на целокупната постапка што сега треба да биде повторена. Потсетуваме дека поради предлози за разрешување на судии поднесени од претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски во неговиот претходен мандат (2008-2012) и неговото гласање за прифаќање на таквите предлози, државата изгуби два предмета пред Европскиот суд за човекови права. Во предметите Митриновски против Македонија од 2015 година и Попчевска-Геровска против Македонија од 2016 година, Судот во Стразбур го прогласи целиот Судски совет за зависен и пристрасен затоа што прифатил претседателот на Врховниот суд да биде и предлагач и гласач во постапка за разрешување на судии, велат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму додаваат дека донесеното решение е преседан.

-Правното правило изразено во латинската максима lex specialis derogat legi generali предвидува дека во услови кога во правниот систем постои правен акт што уредува специфична тема (Законот за СЈО и прислушуваните разговори) тој го заменува законот што уредува општа тема (Законот за кривичната постапка). Во конкретниот случај, Врховниот суд, со постапувањето по барањето на Јавното обвинителство на РМ и повикувајќи се на Законот за кривичната постапка за одлучување по барање за заштита на законитоста, донесе незаконско решение и отвори преседан кој е во спротивност со принципот на владеење на правото, велат од Хелсиншки.

Од комитетот појаснуваат дека покрај ова, наоѓањето на Врховниот суд дека немало доволно докази за основаноста на сомневањето како општ услов за притворот е фактичко прашање кое што овој суд не можел да го цени во постапка за вонреден правен лек, бидејќи истиот ниту ги извел ниту може да ги цени доказите презентирани пред надлежните судови пред кои се водела контрадикторна расправа и е донесена мериторна одлука.

-Од друга страна, ова е прв пат кој и да било суд во РМ да одлучи дека лицето против кое е опрделил притвор треба да се пушти на слобода до донесување на одлука по жалба. Ако се знае дека советот на Врховниот суд со учество на истиот (старо/нов) претседател Јово Вангеловски пред неколку години го разреши судијата Јордан Митриновски затоа што оценил дека наместо привор е доволно да се определи куќен притвор со гаранција, не сме многу убедени дека сега Врховниот суд и Републичкото јавно обвинителство одеднаш и преку ноќ станаа ултралиберални поборници за правата на осомничените, истакнуваат од Хелсиншки.

 

Поврзани новости