Хелсиншки: Пратениците се приведени согласно законите

by fokus

Хелсиншкиот комитет за човекови права не констатирал кршење на процедурите, пропишани со Уставот и законите, во врска со приведувањето и притворањето на шестмината пратеници осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Одлуката на Хелсиншки комитет следува по претставка поднесена од пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за приведувањето и притворањето на нивните колеги.

„Согласно надлежностите, Хелсиншкиот комитет се обрати до Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основниот суд Скопје 1 Скопје. Во врска со самата постапка за определување на мерката притвор за групата партеници – подносители на претставката, Комитетот утврди дека постапката пропишана според Уставот на РМ, Деловникот на Собраниете на РМ и Законот за кривична постапка во врска со определување на мерката притвор и одземањето на имунитетот на пратениците е испочитувана од страна на надлежните институции“, стои во соопштението.

Хелсиншкиот комитет констатирал и дека судијата правилно постапил кога првин издал наредба за приведување на пратениците за да ги испита и за да може да одлучи за „основаноста и неопходноста на предложените мерки кои зафаќаат во личните права и слободи“.

„Ваквото толкување и примена на уставните и законските одредби според Комитетот е сосема исправно бидејќи нема логика прописите да се толкуваат на начин како што тоа се сугерира во поднесокот од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, дека наводно прашањето за имунитетот требало да се постави уште во порана фаза, пред пратениците воопшто да се приведат“, велат од Хелсиншки.

Оттаму наведуваат дека Комитетот не можел „со сигурност да утврди дали на пратениците неосновано им се ставени лисици само со цел тие да се омаловажат и понижат“.

„Доколку тоа се утврди, истото ќе претставува повреда на домашните полициски процедури, како и повреда на членот 3 од Европската конвенција за човековите права. Фактот, пак, дека на приведувањето сведочеле членови на нивните семејства бездруго е несакана последица, но истата е своевидна колатерална штета на овие мерки кои треба да се користат во исклучителни случаи, па во таа смисла не наоѓаме дека во конкретниот случај осомничените се дискриминирани во однос на другите граѓани“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Поврзани новости