Хелсиншки: Одредени медиуми ја повредуваат честа и угледот на средношколците

by Фокус

Хелсиншкиот комитет за човекови права реагира на последните случување за вршење на притисок и етикетирање на средношколците кои вчера протестираа. Од Хелсиншки велат дека повторно е загрозено правото на слобода на здружување и слобода на мирно собирање, кое им е гарантирано и на децата со Конвенцијата за правата на децата, која Република Македонија ја има ратификувано.

-Особено загрижува и фактот што одредени медиуми известија дека средношколците добивале паричен надомест за учество на протестот, поради што денеска осамнаа графити пред две средни училишта со ваква содржина. Со ова се повредува честа и угледот на децата кои сакаат да го изразат незадовоството од образовните реформи, велат од Хелсиншки комитет.

Во текот на вчерашниот ден до Хелсиншкиот комитет биле доставени пријави со наводи за закани врз средношколците кои учествуваа на вчерашниот протестен марш против лошите реформи во образованието. Според организацијата, особено загрижувачки се наводите за затворање на учениците во училиштата од страна на службени лица, преку затворање на училниците и вратите од средните училишта.

-Поради тоа што со дејствијата на службените лица во училиштата на одредени средни училишта се врши директно лишување од слобода и смеќавање на правото на јавен собир, а од одредени медиуми се повредува честа и угледот на децата, но и на Средношколскиот пленум, сакаме да истакнеме дека Хелсиншкиот комитет го задржува правото да обезбеди правна помош на сите лица на кои ќе им бидат повредени и ограничени правата поради учеството во средношколските протести, порачаа од Хелсиншки комитет.

Поврзани новости