Хелсиншки: Нападот на Тодоров е последица на неефикасната истрага за смртта на Тамара

by fokus

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија реагира на вчерашниот напад над поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, извршен од страна на дедото на починатата Тамара Димовска.

„Сметаме дека ваквите напади не доведуваат до никаква разрешница, туку напротив, можат да предизвикаат немири од поголеми размери. Оттука, се спротивставуваме на овој инцидент, но и на сите останати кои како форма на реакција го имаат насилството“, се вели во осудата од Хелсиншкиот комитет.

Тие потсетуваат дека со години наназад реагираат на пасивноста на институциите во санкционирање на сторители на кривични дела кои беа блиски со поранешната владејачка структура.

„Ваквата селективна правда која беше и се уште е спроведувана од страна на јавното обвинителство и судовите доведе до апсолутна недоверба на граѓаните во правосудниот систем. Сметаме дека ваквиот настан е токму последица на неефикасната истрага и отсуството на санкции за виновниците за смртта на Тамара Димовска, кои беа блиски до тогашната партија на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Имено, јавното обвинителство покажа целосна инертност во случајот на малолетната Тамара Димовска. И покрај тоа што во конкретниот случај осомничените лица се познати, јавното обвинителство подолго од две години нема доставено одговор дали ќе поднесе обвинителен акт против овие лица“, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Тие побараа итен одговор од јавното обвинителство за исходот од постапката покрената за малолетната Тамара Димовска, а во спротивно најавија дека ќе поднесат жалба до Европскиот суд за човекови права за повреда на ефикасност на истрагата и правото на пристап до суд и правото на реална жалба.

Поврзани новости