Хелсиншки комитет: Развлекувањето на случајот „Тамара“ создава сомнеж за несовесно водење на постапката

by fokus 13:50
13:50

По пристигнување на веста за поднесеното барање за изземање на јавниот обвинител кој постапува во случајот на малата Тамара, во кој обвинети се 12 доктори и членови на комисии кои донесоа и потврдија негативно решение за лекување во странство на Тамара, Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на правецот во кој оваа постапка се движи.

На вчерашната главна расправа по овој предмет, надлежната јавна обвинителка поднесе барање за изземање, притоа не наведувајќи кои се причините за таквото барање. Основното јавно обвинителство изјави дека предметното барање е поднесено поради постоење на законски пречки за понатамошно постапување на јавната обвинителка во предметот, поради нови околности кои настапиле во периодот од претходната до вчерашната главна расправа.

- Advertisements -

Во февруари 2015 година, Хелсиншкиот комитет, заедно со мајката на Тамара поднесоа кривична пријава за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353 од Кривичниот законик. Од поднесувањето на кривичната пријава поминати се речиси 5 години, а предметот се уште не е завршен. До закажувањето на првото рочиште, Хелсиншкиот комитет во повеќе наврати реагираше до Основното јавно обвинителство за долгото водење на предистражната постапка. Првото рочиште по овој предмет беше закажано дури во јуни 2018 година. Од тогаш закажани се 19 рочишта, од кои дури 8 се одложени поради различни причини. Дополнително одолговлекување во текот на постапката настапи и поради пречекорување на рокот од 90 дена помеѓу одржување на две рочишта, во кој случај, согласно закон, главната расправа мора одново да почне и сите докази мора повторно да се изведат.

По вчерашното повторно одложување на рочиштето, овој пат поради поднесено барање за изземање на јавната обвинителка, како и поради неговото целокупно развлекување, се јавува сомнеж за несовесно водење на постапката која досега требаше да биде завршена. Затоа, го повикуваме Основното јавно обвинителство да ги образложи причините за изземање на обвинителката, за што Хелсиншкиот комитет ќе поднесе и официјално барање. Воедно напоменуваме дека правната сигурност може да се обезбеди само со утврдување на одговорност на сите чинители со цел задоволување на кривичната правда.

Поврзани новости