Хелсиншки комитет: Демонстрантите беа насилни, а полицијата употреби прекумерно хемиски средства

by fokus

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, најостро ги осудува синоќешните инциденти за време на протестот кој се одржа пред Собранието на Република Македонија. Од таму го осудуваат говорот на омраза и повикувањето на насилство нотирано на социјалните медиуми пред протестот.

„Правото на протест е уставно загарантирано право на секој граѓанин на Република Македонија, но тоа не оправдува повикување и употреба на насилство. Според нашите согледувања, групи на граѓани кои беа дел од протестот извршија насилни дејствија насочени кон полициските службеници и граѓани. Затоа, ги повикуваме органите на прогонот да спроведат темелна и ефективна истрага за сторените казниви дела“, велат од невладината.

Покрај ова, според согледувањето на Хелсиншкиот Комитет, се забележува прекумерната употребата на хемиски средства од страна на полицијата кон граѓаните кои протестираат, што исто така најостро го осудуваат. Од таму додаваат дека согласно Законот за полиција, употребата на средства за присилба мора да биде соодветна и пропорционална, што во дадената ситуација се доведува во прашање, особено што, посочуваат, помеѓу граѓаните кои протестираа беа присутни повозрасни лица и деца.

„Во врска со овие настани кои се случија за време на синоќешниот протест, Хелсиншкиот комитет писмено ќе се обрати до Министерството за внатрешни работи, односно Одделот за внатрешна контрола, со цел утврдување на неопходноста и пропорционалноста на преземените полициски дејствија. Со оглед на соопштението на Министерството дека 25 лица се приведени во врска со синоќешните настани, ќе поведеме дополнителна постапка за утврдување на почитувањето на правата на приведените лица во текот на целата постапка. Воедно, ги повикуваме граѓаните да го изразуваат своето право на протест на ненасилен начин, да ја зачуваат присебноста и да се воздржат од провоцирање и предизвикување на насилни инциденти, за да не се загрози безбедноста на сите граѓани во државава. Ги повикуваме граѓаните кои сметаат дека нивните права биле прекршени, да го пријават случајот во Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија“, додаваат од Хелсиншки.

Поврзани новости