„Хелсиншки“: Бруталност на „Алфите“ врз Ромчиња на скопско Кале

by Фокус

Кривична одговорност за полицајците кои минатиот месец на скопското Кале тепале две Ромчиња, се однесувале нечовечно и понижувачки кон момчињата со цел преку насилството да добијат признание од малолетниците за кражба, бара „Хелсиншкиот комитет“ во последниот двомесечен извештај.

Според извештајот на 19 мај годинава во близина на црквата Св. Спас на скопското Кале полициска единица на „Алфите“ пресретнала две малолетни деца од ромската етничка заедница и ги запреле поради наводно сомнение за сторено кривично дело кражба.

„Според наводите на родителите на двете деца и сведоци од местото на настанот, полициските службеници веднаш употребиле физичка сила со цел да изнудат признание од децата тепајќи ги со тупаници, клоци, влечење за коса и гумени палки. Согласно изјавата на двете малолетни деца и родителите полициските службеници воопшто не разговарале со децата туку веднаш примениле прекумерна сила и по пристигнување на родителите на местото на настанот не дозволиле никаков контакт. Напротив, родителите добиле закани да не се приближуваат до нивните деца со наредба да се оддалечат, грубо и непристојно обраќајќи им се со зборовите „Бегај оттука“ и „Бегај понатаму“, информира „Хелсиншки“ преку својот двомесечен извештај.

Според невладината за заштита на човековите права родителите ја одбиле наредбата бидејќи не можеле да дозволат нивните деца да бидат тепани пред нивните очи и се пробиле до А.С и Б.М.

„За кратко време 12 годишниот Армандо е вратен кај неговиот татко, видно вознемирен, во солзи и со црвенило на лицето. Таткото на Б.М. побарал од полициските службеници да го пуштат и неговиот син на што добил некоректен одговор од полицискиот службеник кој му се обратил со зборовите „Изгуби се“. За кратко потоа Б.М. е приведен и однесен во полициско возило во непознат правец. Таткото на А.С. веднаш се јавил на дежурната линија на Министерството за внатрешни работи, 192 со цел да пријави полициска бруталност врз малолетни деца. По разговорот со службеникот добил информација дека Б.М. се наоѓа во полициската станица „Центар“. Во оваа полициска станица чекале два часа без никаква информација за детето кое е задржано на распит без присуство на родител или бранител“.

„Хелсиншки“ информира дека Б.М. бил испрашуван и тепан. Тој не зборувал и не разбираал македонски јазик но тоа не ги спречило полициските службеници да го испитуваат без присуство на преведувач.

„По овие два часа бил повикан родителот на Б.М. и полициските службеници му се обраќале на многу понижувачки начин, со зборовите „Копиле“ и „Идиот“ и му се заканувале со зборовите „Да ја најдеш ташната или ќе те убијам пред татко ти!!!“

Од страв Б.М. го признал делото по што лажно изјавил дека го фрлил на извесна локација во близина на скопското Кале каде што се упатиле тој, неговиот родител и полициските службеници. Торбата не била пронајдена на оваа локација по што е повикан и братот на А.С. во полициска станица. По неуспешната акција и распит, децата и родителите по полноќ ги посетила извесна полициска службеничка и во присуство на бранител кој пристигнал/бил повикан по службена должност им дала на родителите да потпишат два документа.

Имајќи предвид дека родителите не ја познаваат правната материја прашале што потпишуваат, дали им треба бранител и дали е тоа некаква пријава против нивните деца. Од бранителот и полициската службеничка добиле одговор дека нема што тие да читаат, овие документи и дека тоа е потврда дека им ги враќаат децата“, се вели во извештајот на „Хелсиншки“!

Невладината информира дека по потпишувањето децата се пуштени дома без личните предмети и пари на Б.М. одземени при приведувањето.

„Веќе наредниот ден на Б.М. му се влошила здравствената состојба и е однесен ЈЗУ УК за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар – Скопје и на ЈЗУ УК за Неврохирургија каде што се констатирани повреди во вид на: во вид на нагмечување на глава, нагмечување во предел на врат, нагмечување на граден кош и гребаници по градниот кош. Б.М. и А.С. заедно со нивните родители повторно се повикани во полициската станица каде што граѓанката која ја поднела пријавата изјавила дека тие не се сторителите на кражбата односно не ги препознава со што овој случај добива и дополнителна димензија“, стои во извештајот.

Поврзани новости