Харадинај до Вучиќ: Треба да го признаете Косово за да спречите создавање на „Голема Албанија“

by fokus

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) и кандидат за иден претседател на државата, Рамуш Харадинај му порача на претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека доколку сака да го спречи создавањето на „Голема Албнија“, Белград треба да ја признае независноста на косовската држава.

Одговарајќи на денешната изјава на Вучиќ дека „Харадинај е опасен човек“ и дека неговата најава за референдум за обединување на Косово со Албанија „претставува закана не само за Србија, туку и за регионот, Европа и целиот свет“, поранешниот косовски премиер порача дека, се додека им изгледа опасен на српскиот претседател и на Србија, тоа е потврда дека се движи „во добра насока“.

– Не се плашете г. Вучиќ. Нема потреба и да се нервирате. Косово го бара само тоа што му припаѓа. Доколку вие и останатите сакате да спречите референдум за обединување на Косово со Албанија во 2025 година, има еден многу едноставен начин: Србија да го признае Косово како независна држава. Понатаму Косово го знае својот пат за зачленување во НАТО, ЕУ и ОН. Со хистерична реторика нема да го спречите нашето право да ја дефинираме иднината на Косово, порача Харадинај.

Поврзани новости