Хан по средбата со Талат Џафери: Опозицијата да не прави опструкции во Собранието

by fokus

Собранието мора да работи без пречки. Од сите пратеници, вклучувајќи ги и оние од опозицијата, се очекува да играат конструктивна наместо опструирачка улога и сите актори мора да се воздржат од провокативни изјави и акции, изјави еврокомесарот Јоханес Хан по средбата со новиот собраниски спикер Талат Џафери во Брисел.

Во соопштението на Хан се вели дека Собранието мора да стане форум за дебата, каде ќе се дебатираат сериозните предизвици со кои се соочува земјата и да се обезбедат потребните чекори за да оди напред во интерес на сите граѓани и заедници.

Хан повика фокусот во следниот период да се стави на формирање нова влада, со почитување на парламентарното мнозинство, во согласност со Уставот и демократските принципи.

Хан го поздрави изборот на Џафери од мнозинството пратеници и ја изрази подготвеноста на ЕУ да работи со него и да се зајакне реформската агенда за ЕУ, вклучувајќи ја имлементацијата на Договорот од Пржино како и реформските приоритети.

Тој силно ги осуди нападите врз пратениците и новинарите во парламентот и предупреди дека повторувањето на таквите акти сериозно ќе ја загрозат европската иднина на Македонија.

Поврзани новости