Хан и европратениците: Мора да се почитува парламентарното мнозинство

by fokus

По денешните средби со партиските лидери, еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл во заедничко соопштение информираа дека на сите лидери, вклучително и на претседателот Иванов, јасно им повториле дека мора да се почитуваат резултатите од последните избори и дека во една демократија, сите мора да го почитуваат парламентарното мнозинство.

-Поради тоа го охрабруваме Претседателот итно да ја преиспита својата одлука, бидејќи нема време за губење. Очекуваме сите политички лидери и институции да дозволат демократските процеси непрекинато да течат, во интерес на граѓаните на државата. Одложувањето на процесите во изминативе месеци веќе влијае негативно на економијата на земјата. Повикуваме на брзо формирање на нова влада која што ќе ги имплементира реформите. Од париите и од новата влада се очекува да продолжат со имплементирање на сите делови од договорот од Пржино. Особено ги повикуваме сите да се воздржат од акции и изјави кои што би можеле да ги разгорат меѓу-етничките тензии и да ги поткопаат добрите меѓусоседски односи. Никој не смее да си игра со оган. Слободата на здружување и слободата на изразување се фундаментални права во демократските општества, но тие доаѓаат и со обврски, се вели во заедничката изјава.

Хан и европратениците предупредија дека негативната реторика насочена кон меѓународната заедница и организациите од цивилното општество е контрапродуктивна и ја поткопува позицијата на земјата на меѓународен план и на лицата кои што се користат со таква реторика.

-За крај, во следните неколку дена сакаме да видиме сериозно и одговорно државничко однесување на релевантните институции и да се овозможи брзо формирање на нова и цврста коалиција. Тоа е единствениот начин за враќање на патот кон ЕУ – кој што граѓаните го сакаат и заслужуваат, стои во соопштението.

Поврзани новости