Хајндл на средби со Ахмети и Тачи

by Фокус

Специјалниот пратеник на Германија за Македонија Јоханес Хајндл денеска во Тетово треба да има средби со лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Тој вчера се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, со спикерот Трајко Вељаноски и со лидерите на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, со кои разговарал за политичката криза и можностите за нејзино надминување.

Хајндл по вчерашните средби не даде изјава за медиумите, но во меѓувреме се огласи германското Министерство за надворешни работи дека ја поздравува одлуката на македонскиот Парламент за повторно одложување на парламентарните избори кои беа закажани на 5 јуни.

„Ова ќе им даде шанса на партиите да го поправат загрижувачкиот развој на настаните во изминатите месеци и да ја вратат земјата назад на европскиот пат. Одложувањето на изборите мора да биде придружено со кредибилен реформски процес. Партиите имаат одговорност да ги спроведат неопходните услови и да обезбедат дека изборите ќе бидат според меѓународните стандарди“, се наведува во соопштението од германското МНР.