Гувернерот на Њујорк сексуално вознемирувал жени

by fokus

Гувернерот на Њујорк, демократот Ендрју Куомо, сексуално вознемирувал – исмевал, бакнал или упатувал сугестивни коментари, кон 11 жени и со тоа создал „токсична“ работна средина за нив и го прекршил законот, објави државната обвинителка Летиција Џејмс откако беше спроведена петмесечна независна истрага за обвинувањата кон Куомо.

Извештајот е напишан на 168 страници и, како што пишува „Ројтерс“, може да нанесе катастрофални последици на политичката кариера на Куомо кој го тера третиот гувернерски мандат, а некогаш беше гледан и како можен претседателски кандидат во САД.

„Она што го откри оваа истрага е вознемирувачки начин на однесување од гувернерот на државата Њујорк. Овие 11 жени се наоѓаа во непријателска и токсична работна средина“, рече обвинителката Џејмс.

Откако таа одржа брифинг со новинарите за да ги информира за резултатите од истрагата, Куомо објави видеопорака во која ги негира сите обвинувања нарекувајќи ги наодите од истрагата како неточни и неправедни. Тој вели дека оние кои го обвинуваат погрешно ги протолкувале неговите зборови, гестови и однесување и оти жали ако тоа било погрешно разбрано, но не планира да поднесе оставка.

„Ројтерс“ пишува дека станува збор за граѓанска истрага која нема директно да доведе до кривична пријава кон Куомо, но оти паралелно окружниот обвинител спроведува своја истрага во рамки на која ги побарал сите релевантни материјали поврзани со случајот.

Додека гувернерот од редовите на демократите негира и порачува дека нема да си поднесе оставка, американскиот претседател, Џо Бајден, денеска побара да го направи тоа. Тој претходно имаше изјава дека Куомо треба да се повлече од функцијата ако истрагата ги потврди наводите, а денеска уште еднаш порача дека останува на тоа што го кажал. „Ројтерс“, пренесува и дека денешниот извештај поттикнал и други сопартијци на гувернерот, високопозиционирани и моќни луѓе од демократската партијата во Њујорк да побараат оставка.

Поврзани новости