Група Словенци протестираа во Стразбур против Јанша

by Fokus

Пред неколку дена, Словенија го презеде претседателството со Советот на Европската унија среде сè пожестоки критики кон премиерот на оваа земја, Јанез Јанша, за задушување на слободата на медиумите
Неколку лица протестираа денеска пред зградата на Европскиот парламент, барајќи да се заштити владеењето на правото во Словенија, додека премиерот Јанез Јанша внатре ги презентираше приоритетите на претседавањето на неговата земја со ЕУ. Полицијата веднаш интервенирала и ги замолила да се оддалечат од зградата, јави Н1.

Пред неколку дена, Словенија го презеде претседателството со Советот на Европската унија среде сè пожестоки критики кон премиерот на оваа земја, Јанез Јанша, за задушување на слободата на медиумите.

-Почнавме протести откако Јанез Јанша покажа дека не ги почитува демократијата и владеењето на правото. Тој ги напаѓа медиумите, невладините организации, партнерите … Во моментов, социјалниот дијалог е мртов во Словенија. Ние се бориме против тоа. Европскиот парламент испрати јасен сигнал дека Словенија не смее да стане новата Унгарија и Полска, кои го нарушуваат владеењето на правото, вели една од демонстрантките, додавајќи дека очекува Словенија да се врати во почитувањето на демократијата и владеењето на правото.

-И тоа не треба да биде само декларативно, на хартија. Не смееме да се поклониме на ваквото однесување. Државите што не постапуваат според европските конвенции мора да бидат санкционирани. Тие не смеат да се толерираат, рече таа.

На првиот ден од претседавањето со Советот на Европската унија, словенечкиот премиер Јанез Јанша предизвика скандал критикувајќи ги социјалдемократите на работниот состанок со Европската комисија во Брдо кај Крањ, по што потпретседателот Франс Тимерманс одби да фотографира на традиционалната заедничка фотографија.

-Едноставно, не можев да бидам на фотографијата со премиерот Јанша по неговиот неприфатлив напад и клевета на двајца судии и двајца социјалдемократи на Европскиот парламент, рече Тимерманс, коментирајќи го случајот за германскиот весник „Зидојче цајтунг“.

Поврзани новости