Грујовски не го продава автомобилот за да се спаси од кризата, но негови колеги размислувале за распродажба на имот!

by Fokus

Објавата дека продава автомобил BMW по цена од 5.500 евра, која фолк пејачот и до неодамна претседател на Здружение на естрадни уметници, Благоја Грујовски, ја сподели на социјалните мрежи, за кратко време се прошири помеѓу јавноста, под претпоставка дека музичарите во земјава, погодени од кризата, веќе започнале да ги распродаваат своите добра, со цел да ја преживеат финансиската катастрофа со која се соочени.

Околу тоа дали Грујовски, кој на сцената е присутен повеќе од три децении навистина спасот го бара со продажба на својот автомобил, музичарот за „Фокус” појаснува дека состојбата е сериозна и незавидна, но сепак не станува збор за негово возило, туку само му помагал на пријател.

Сепак, не е мал бројот на негови колеги кои тврдат дека каде и да е, според правецот во кој се движат настаните на естрадата, ќе започнат да распродаваат се што спечалиле со музика изминатите години. Реагираат на вчерашната владина одлука за кратење на работното време на угостителските локали, кои сега наместо до 24, ќе работат до 23 часот. Велат дека наместо да се изнајде решение кое ќе биде во корист на сите, нивната бранша е оставена сама да се снаоѓа како што знае и умее.

-Преговорите помеѓу претставници на музичарите и власта, очигледно не дадоа резултат. Нема ништо од укинувањето на актуелната забрана за настапи во живо, а како што се оди со заострување на мерките, јасно е дека нема да запееме во блиска иднина. Или да се селиме од овде, или да распродаваме се што сме заработиле, за да преживееме оваа зима – вели наш музичар кој со години наназад живее од настапи во живо во локали ширум земјава.

Дел од музичарите тврдат дека ако се има расположение, може да се најдат компромиси, да се дозволат настапи во локали попладне, тивка музика на која нема гостите да стануваат и играат, со строго почитување на протоколите.

-Ако локалите треба да затворат порано, не знам зошто да не се настапува во тек на ден, попладне, кога луѓето завршуваат со работа? И од 17 часот да се почне, до 22 може да се има добар настап, не мора секој музички настап да значи пеење до доцна во ноќта. Ако е проблем затворениот простор, нека се настапува надвор, на отворено, нека си постават угостителите квалитетни греалки покрај масите за гости, има многу решенија, само ако се покаже волја од сите засегнати страни – појаснува наша позната пејачка.

Повеќето од музичарите се согласни дека со еднократна владина помош за естрадните работници само привремено се турка проблемот под тепих, и потребен е сериозен пристап кон решавањето на проблемот, кој може да потрае и со години. Апелираат што е можно побргу да се земат во обзир, бидејќи веќе подолг период се оставени без или пак со минимална заработка, од летниот период кога забраната беше привремено укината.

-Казни за нашите колеги кои прекршуваат протоколи, а пак можност да заработуваат за останатите кои се чесни и се придржуваат до мерките. Не бараме нешто кое е неизводливо. Сепак, не сме сите исти, некои од нас можеби живееле во луксуз и имале скапо платени турнеји во странство, но поголемиот дел сме заработувале само од тукашните настапи за викенди- порачуваат.

Да се бара спасот во настапи надвор од земјава, велат не е трајно решение, бидејќи и таму има актуелни забрани за свадби и големи собири. Но, и покрај забраната за свадби и крштевки во соседна Бугарија, минатата недела фолк пејачката Сузана Гавазова објави фотографии и снимки од свадба во Петрич, каде ги забавувала гостите.

-Јасно е дека на големи настани, како свадби и турнеји на кои се настапува во големи сали, заработката е значително поголема, и свесни сме дека на тоа треба да заборавиме во наредниот период. Не бараме преку леб погача, веќе сме доведени во состојба леб да бараме, а вчерашната владина одлука само уште повеќе не разочара во очекувањата дека наскоро ќе ни се реши проблемот – ни изјавија музичари кои инсистираат да не го објавуваме нивниот идентитет, бидејќи во изминатиот период биле на мета на напади, секогаш кога реагирале поради забраната за настапи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости