Грујевски и Бошковски биле уапсени во Солун, полицијата повеќе од еден месец знаела каде се кријат

by Fokus

Македонската полиција повеќе од еден месец имала информации за местото на престој на двајцата бегалци, пренесува Дојче Веле. Наводно се криеле на Халкидики, па во Солун, а на крајот се обиделе да заминат на нова дестинација.

Според неофицијални информации, двајцата наводно биле уапсени на аеродромот во Солун, од каде што планираале да отпатуваат со фалсификувани бугарски патни исправи. Македонската полиција повеќе од еден месец имала информации за местото на престој и движењето на двајцата бегалци. Наводно, пред два-три дена високи претставници на македонската и грчката полиција имале и заедничка средба на која биле разменети последните информации за овој случај, по што следело апсењето на Грујевски и Бошковски од страна на грчката полиција.

Тие двајцата се обвинети во предметите „Таргет“ и „Тврдина“, кои се однесуваат на незаконското следење на комуникациите на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од опремата со која било сторено кривичното дело.

Поврзани новости