Груевски заработи претставка за дискриминација поради изјавата за студентките

by fokus

Либерално демократската младина бараат од Никола Груевски да им се извини на студентите поради, како што велат, дискриминаторската изјава која ја даде за време на неговото обраќање на вчерашниот конгрес на партијата во Валандово.

„Груевски повторно не се воздржа од изјава со која жените односно студентките ги поимаше само како сексуален објект.Тој нема да одговара само пред Кривичниот суд за делата за кои го гони Специјалното јавно обвинителство, туку ќе одговара и пред друг надлежен орган за дискриминацијата и навредата која преку својот уништувачки, политички говор вчера ја упати кон студентките илустрирајќи ги низ споредбен пример цитирам: „Како кога студент во студентски дом влегува во собата на неговата колешка која е целосно соблечена и му вели „Се надевам дека ќе ја препознаете новата можност“, велат од ЛИДЕМ.

Од таму најавија претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, од која бараат да ја осуди ваквата изјава и да покрене иницијатива за поведување на постапка пред надлежните органи поради сторена повреда на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

„Крајно време е институциите да му кажат ДОСТА на Никола Груевски. Воедно ги повикувам и охрабрувам сите студентки, млади девојки, жени, со ставање на својот потпис да ни се придружат кон истата. Затоа што ова веќе не е политика, ова е претставка – иницијатива за почитување на загарантираното право на заштита од дискриминација, за правда, за заштита на достоинството на секоја од нас, за нашиот развој, за нашата иднина“, посочуваат младите на ЛДП.

 

Поврзани новости