Груевски за „То Вима“: Правиме реформи и затоа ќе победиме

by Фокус 13:52
13:52

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски даде интервју за еден од најтиражните и највлијателните грчки весници „То Вима во кое одговара на повеќе актуелни прашања, пренесе МИА.

– Во 2010 година ќе ги почневме преговорите за полноправно членство во ЕУ, кои ќе беа завршени и ќе бевме член на ЕУ. Луѓето знаат дека не реформите, туку блокадата од Грција го одложи нашето членство во ЕУ и НАТО. Ние континуирано правиме крупни реформи во сите области, во економијата, во образованието, во земјоделието, администрацијата, правниот и судскиот систем. Зарем се ова ќе беше можно доколку немаше владеење на правото? Зарем ќе имавме целосна контрола на опозицијата врз невладиниот сектор доколку барем дел од нејзините критики беа точни? Зарем ќе имавме толкав критицизам во медиумите доколку немаше слобода на говор? Република Македонија беше втурната во една длабока криза благодарение на деструктивната политика на СДСМ. Од тој аспект, добро е што дојде до политички договор меѓу партиите. Но, најважно е истиот да биде до крај реализиран со парламентарните избори на 24. април. Со нив ќе се стави крај на кризата и земјата ќе продолжи со реформите – вели Груевски.

- Advertisements -

Тој очекува историска победа на следните избори.

– Оптимист е благ термин. Јас сум сигурен дека ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја добие довербата од граѓаните. Во моментов ја подготвуваме најобемната изборна програма досега. Ќе понуди проекти за сите граѓани. ВМРО-ДПМНЕ ужива огромна поддршка, која е можно да ја најавува и најголемата изборна победа досега. Народот масовно стои зад политиката која ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ – вели тој.

Тој истакна дека прашањето за името е апсурден спор кој ги блокира нашите напори за интегрирање во евроатлантските структури и длабоко задира во идентитетот на нашиот народ.

– Верувањето дека ние сме закана за Грција е целосно неточно. Која закана ја видовте од нас во последните 25 години? Всаденото уверување дека постои забуна на географските поими како што се Република Македонија и вашите региони источна, централна и западна Македонија се исто неточни. Нашите црвени линии како политичка партија се јасни. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати предлози што би го загрозиле македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и култура. Неприфатлива е каква било промена на уставот со која се менува уставното име на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари или поединци, влада или парламент без референдум. Ние сме подготвени да го продолжиме дијалогот и да останеме силно посветени на процесот на интеграција во семејството во кое припаѓаме и политички и културно и економски. Ние сакаме решение за проблемот не само заради членството во НАТО и ЕУ, туку и заради нормализирање на односите со Грција – вели Груевски.

– Доколку се прифати реалноста дека Република Македонија постои и ќе продолжи да постои, доколку се прифати реалноста дека Република Македонија се огради и јасно во својот устав зацрта, и со бројни гестови потврдуваше дека нема какви било територијални претензии кон соседите и дека не бараме никаков ексклузивитет на употреба на името Македонија, тогаш може да се дојде до решение. Доколку на тоа се додаде добра волја да му се помогне на соседот, тогаш не постои никаква пречка нашите две земји да бидат идеален пример на соработка на Балканот – додава Груевски во интервјуто во кое вели дека со две раце потпишува дека Македонија ќе ги понуди сите гаранции кои би биле побарани дека нема никакви територијални аспирации.

 

Поврзани новости