Груевски: Во вториот круг се засилија изборните нерегуларности, борбата допрва почнува

by Фокус

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, откако денеска го оствари своето гласачко право во вториот круг од локалните избори, обвини дека изборите минале во недемократска атмосфера и системски закани и уцени врз граѓаните.

– Демократската атмосфера, за жал, во овој период не можеме да ја видиме. Колку што имаше нерегуларности во првиот круг на гласањето, тие уште повеќе се зајакнаа во вториот круг. Претежно се манифестираат во две форми – масовен поткуп на граѓаните како никогаш досега во Македонија и закани, притисоци и уцени врз луѓето, претежно кон наши активисти од страна на СДСМ – изјави Груевски по гласањето.

Според него, за разлика од минатото, на овие избори се случил масовен поткуп под заштита на полицијата, контролирана од СДСМ.

– Луѓето отворено се уценуваат со губење работа, особено администрацијата, со кривични пријави, недобивање субвенции,… Тоа е масовно, организирано, системски. Како што поткупот е организиран масовно и системски, така и заканите, уцените, заплашувањата и притисоците се масовни и системски – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде скршена,туку дека борбата допрва почнува.

Поврзани новости