Груевски: ВМРО-ДПМНЕ е нападната како никогаш досега во историјата на Македонија, СЈО е канцеларија на СДСМ

by Fokus

ВМРО ДПМНЕ е нападната како никогаш досега во историјата на Македонија, па дури и во европските земји.Тука станува збор за политички, а не за правен процес. СЈО не е обвинителство, туку е канцеларија на СДСМ. Тие носат одлуки без никакви правни докази, истакна денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој излезе пред јавноста само неколку часа по пресот на СЈО, каде што беше соопштено дека се покренати 17 обвиненија против 94 лица и 7 правни субјекти.

– Целта е ВМРО -ДПМНЕ, целта е кршење на ВМРО. Таргетот е ВМРО. Сите случаи се против ВМРО. Сакам да им порачам дека нема да успеат, нема да не скршат. Во овој процес нападнати се и судии, но и новинари затоа што критички ја опсервирале нивната работа. Целта е да не заплашат, а судиите да одлучуваат во нивна корист. Нашата цел е што бевме на браникот на државата, што одолеавме на прифаќање на потпишување на штетни договори, што се боревме за унитарноста на нашата држава – истакна Груевски.

Според него, ова што го прави врхушката на СДСМ заедно со СЈО е срамен и кукавички чин.

– Тоа што го прават за нивните налогодавци, нема да им успее. Водени се од омраза, гнев. Но, нема така да им помине. Конструктивноста во нашето делување завршува денес. СЈО ќе биде дел од историјата, од која ќе се срами еден ден секој што ја сака оваа држава. Врхушката на СДСМ се полни со омраза и се ситат на ова. Раководството на СДСМ било во постојан контакт со некои од обвинителите. Тие цело време се трудат да наместат стотина лица од нашата партија – тврди Груевски.

Поврзани новости