Груевски вети повисоки пензии и бесплатна вакцина за пензионерите

by fokus

Зголемување на пензиите за најмалку 10,25 отсто во наредните четири години, продолжување на проектите за бесплатна бањско-климатска рекреација, бесплатен викенд и бесплатен воз, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата во четвртата Изборна единица на коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Груевски на денешната средба со пензионерите од Прилеп.

За прилепските пензионери рече дека во новата Програма е предвидено изградба на дневен центар за повозрасни лица што треба да почне да се гради во периодот од јули до септември 2017 година, во 2019 година е предвидено отворање на Дневен центар за возрасни лица со најтешки проблеми, како и реконструкција на Домот за стари лица во Прилеп „Киро Крстески Платник“.

– Во новата Програма е предвидено и бесплатна вакцинација за грип на лицата со помали пензии, како и за лицата над 65-годишна возраст кои не се корисници на пензија. Предвидени се и денови за попусти за пензионери во одделни маркети, како и продажба на стоки и услуги на рати и тоа стоки за широка потрошувачка, лекови и медицински помагала и огревни дрва, рече Груевски.

Поврзани новости