Груевски со цитати од Ајнштајн и Шарл де Гол ја најави партиската програма

by Фокус

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска ја започна кампањата за пишување на партиската програма на неговата партија за изборите во април. Тој рече дека програмата ќе ја пишуваат заедно со граѓаните и експертите, а ќе има четири тима кои ќе одат по македонските градови и села и ќе ги слушаат идеите на граѓаните.

-Да подигнеш нови прашања, нови можности, да гледаш на старите проблеми од нов агол бара креативна имагинација и означува вистински напредок, е мисла на еден од најголемите креативни умови на човештвото Алберт Ајнштајн. Таа мисла ја отсликува целата реалност на нашето време, на дадениот историски миг кога сме кај вратите на новите предизвици, рече Груевски.

Освен Алберт Ајнштајн, Груевски го цитираше и претседателот на Петта француска република, Шарл де Гол, а претходно рече и дека граѓаните  како резултат на слободна свест и совршена свесност одамна имале одлучено кому ќе да дадат својата доверба.

-Македонските граѓани никогаш не потклекнаа, а досега низ времето беа соочени со големи предизвици. Тие сфатија и живеат со девизата дека ова е нивната земја и дека тие одлучуваат за неа. Тие го живеат сонот на Делчев, содржан во фантастичното реторичко прашање кое крие вонвременска мудрост. Дали може да има друго место за еден Македонец освен својата земја, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој од граѓаните посака активизам, иницијативност, бомбардирање со идеи, кои, како што рече Груевски, со макотрпна работа тој и неговиот тим ќе се фателе во костец за да ги реализираат.

Поврзани новости