Груевски се помоли пред избори

by fokus

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски се помоли пред избори во манастирот Вељуса, струмичко. При својата посета, тој запалил свеќи за здравје и среќа, како што е редот, и бил во обиколка на женскиот манастир.

Посетата на духовен храм од страна на политичар не би била ништо невообичаено, ако се изостави фактот што пред околу шест месеци, во јавноста се прошири снимка со разговор на две личности, од кои гласот на едната личи како тој на екс-премиерот Никола Груевски, а на другата, според разговорот, извесна Кети, инспекторка, која е во улога на „гатачка“, односно астролог.

Според православната црква, одењето по гатачки е штетна и опасна појава која што треба да се искорени, а тие кои што користеле услуги од гатачи и астролози, треба да се покајат, и нкогаш повеќе да не побараат помош истите.

„Се случува поплава од луѓе, кои гатаат, гледаат на кафе, на карти, на рака, ја претскажуваат иднината, имаат различни виденија во сон, биоенергетски способности. За Македонската православна црква ваквата појава не е ништо друго, освен разни видови суеверија, мошне штетни и опасни, кои однатре го нагризуваат нејзиното ткив“ – изјави митрополитот Агатангел уште пред околу петнаесет години за дневниот весник „Вечер“.

Во македонскиот Христијански Портал, се објавени дури и совети за тие кои што некогаш посетувале гатачки и бајачи. Дел од советите се:

  1. Покај се за тоа што си одел на бајач или гатач, или ако самиот си бил еден од нив (иако можеби не си знаел дека е грев).
  2. Исфрли ги сите „магиски“ предмети, кои си ги добил од тие луѓе (амајлии, ливчиња, крпчиња…и било што друго)
  3. Прифати Го Исус Христос, како твој Господ и Спасител.
  4. Почни да живееш свет и богоугоден живот.
  5. И за крај, никогаш повеќе немој да бараш помош од бајачи.

Вељуса, или манастир Воведение на Пресвета Богородица Елеуса, кој што го посети Груевски,  постои од 1080 година и се наоѓа на седум километри од Струмица.

Во него живеат десеттина монахињи и во него е возобновена  старата македонска иконописна школа, која освен икони изработува и фрески. Сестрите во манастирот произведуваат  и потполно природни ликери по стара рецептура , во домашни услови. Исто така, тие го негуваат стариот занает на книговез при што рачно шијат и укоричуваат како стари, така и новоотпечатени книги и друг вид изданија. Во манастирот постои и самостојна издавачка  дејност преку која досега се објавени околу дваесетина наслови.

Вељуса е познат и по тоа што комуникацијата на монахињите е сведена на минимум, и тие постојано се молат, а зборат само за неопходни работи, за како што велат,  да не губат врме и да не го расејуваат умот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости