Груевски регистрирал фирма во Унгарија

by fokus

Поранешниот премиер Никола Груевски регистрирал фирма со широка деловна активност во гратче во близина на Будимпешта, Унгарија каде неколку години е во бегство, јавува Дојче Веле. Фирмата била регистрирана во малото гратче Пецел, кое се наоѓа на дваесетина километри од унгарската престолнина.

Според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми, лицето Никола Груевски, роден на 31 август 1970 година од мајка Надежда Мијалкова, побарал и добил одобрение да почне бизнис со фирма чие седиште е во Пецел на горенаведената адреса. Од увидот во документите до кои дојде Дојче веле, може да се прочита дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори.

Согласно унгарските закони за секоја бизнис активност компаниите добиваат посебен даночен број, а Груевски очигледно не сакал да биде ограничен во однос на трговијата, па ги регистрирал речиси сите кои му стоеле на располагање. Па така, фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; како и со други разновидни стоки. Експремиерот планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис менаџмент, а ќе има можност да си ја проба среќата и во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувања на пазари и испитување на јавно мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби. Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела Груевски точно три милиони унгарски форинти или 8.350 евра.

Груевски одлучил да не приложи лична адреса во Унгарија, туку ја навел адресата на неговиот адвокат во Будимпешта. Груевски против кого се водат неколку судски процеси доби азил во Унгарија, а земјата одби да го екстрадира во Македонија.

Поврзани новости