Груевски повторно задоцни на судење, дојде 15 минути откако рочиштето се одложи

by fokus

Екс премиерот Никола Груевски денеска повторно задоцни на судење, односно во Кривичниот суд пристигна 15 минути откако судијата Горан Бошевски го одложи судењето за случајот „Траекторија“.

Рочиштето се одложи поради менување на судскиот совет, односно од 1 јануари судијката Верка Петковска повеќе нема да биде дел од советот, бидејќи од одделението за организиран криминал, е прераспоредена во одделот за кривично полнолетни.

Во судница влегоа сите обвинети, меѓу кои и Владимир Пешевски и Миле Јанакиески, а Груевски не се појави, односно пристигна, кога веќе сите останати заминаа.

Новото судско рочиште е закажано за 31 јануари 2018 година.

Сучајот се однесува на договорите со Кинезите за изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

Груевски е обвинет за делото примање награда за противзаконито влијание, а останатите тројца за злоупотреба на службената положба и овластувања. Според обвинението, во периодот од октомври 2012 до октомври 2013, поттикнати од тогашниот премиер Груевски останатите обвинети ги искористиле и пречекориле овластувањата во постапката за избор на компанија која ќе ги гради автопатските делници и на тој начин прибавиле имотна корист за компанијата односно го оштетиле буџетот за 155.117.256 евра.

Поврзани новости