Груевски на средба со Хајндл

by Фокус

Германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл, попладнево имаше средба со лидерот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

На средбата присуствуваа членови на Извршниот одбор на партијата, министерот за финансии, Зоран Ставрески, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и пратеникот, Антонио Милошоски.

Од партијата преку соопштение информираат дека на средбата било разговарано за актуелната политичка состојба, како и стратешките цели на државата вклучително и евроатланските интеграции на република Македонија.

“Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски истакна дека партијата е посветена кон изнаоѓање на решенија кои би значеле брз излез од наметнатата политичка криза, дека е потребна волјa и посветеност на сите субјекти за тоа, како и нивна активна партиципација и искрен пристап. Секое решение треба да биде базирано врз почитување на волјата на граѓаните, нивното расположение како главна определба и носечка сила во градењето и развојот на демократското општество”-се вели во соопштението на  ВМРО-ДПМНЕ.

Јоханес Хајндл во дводневната посета на Македонија ќе оствари средби со четирите политички партии. Специјалниот пратеник порача дека времето е кратко и партиите мора да направат заеднички напор за да се спроведат потребните реформи.

Поврзани новости