Груевски може да почне да се пакува!

by lali 13:16
13:16

djelalКога народот ќе дојде по своето, тука спас за диктаторите нема. Веќе не е прашање дали Груевски е готов. Главните прашања сега се: како ќе си отиде и која е дополнителната цена што граѓаните ќе ја платат за слобода и за демократија?

Одговорите на прашањата лежат во одлуките што Груевски во следниот период треба да ги носи. Првата опција, онаа поповолната за државата и за граѓаните, е пастирот да поднесе оставка. Да се направи преодна влада, без разлика дали ќе биде експертска или ќе има широка коалиција.

- Advertisements -

Во ниту еден случај опозицијата не смее да дозволи тој да биде премиер во таа преодна влада. Потоа, во период од шест до 12 месеци, да се ослободат државните институции од режимските стеги, да се воспостави владеење на правото, да се ослободи судската власт од влијанието на врхушката на режимот.

НЕИЗВЕСНИ ДЕНОВИ

Јавниот сервис ќе мора да добие ново раководство, кое ќе се нафати да го реформира и од него да направи пристојна куќа, која повеќе никогаш нема да си дозволи да биде скарана со вистината и со објективноста. Веќе никогаш да не биде дел од влијанија на владејачките партии, туку да биде вистински сервис на граѓаните.

Ќе треба да сопрат и трошењата на пари од државниот буџет кон приватните медиуми, и тие повторно да почнат да се водат од пазарната логика. На крајот, таа преодна влада ќе треба, во соработка со ДИК (во некој нов состав), да направи вистинско прочистување на избирачкиот список и да организира фер и демократски избори.

Втората опција, онаа која воопшто не е поволна за државата и за граѓаните, е пастирот да продолжи да ја игнорира целата ситуација во која ја доведе државата, но во која се наоѓа и тој самиот, и да се обидува да продолжи да владее со сила и со принципот купи ден-продај ден.

Во таков случај, гневот на граѓаните ќе расте, бројот на луѓе што ќе излегуваат на улица против режимот ќе се зголемува. Тоа значи дека ќе имаме многу неизвесни денови, недели и месеци пред нас, во кои режимот ќе се залажува дека ја има контролата врз процесите, кои во таква напната ситуација би следувале.

Никој не би можел да ја каже цената што граѓаните би ја платиле за Груевски да се повлече, но сигурно е дека не би можел да продолжи да владее како што замислил.

За жал, јас не сум од тие што сметаат дека може да се очекуваат разумни чекори од груевизмот, и не сум оптимист дека ќе поминеме со првата, со онаа поволната опција. Затоа опозицијата нека преговара со режимот да си оди, но нека се спрема, ако не прифати, за потешкиот пат!

КОГА НАРОДОТ ЌЕ ДОЈДЕ ПО СВОЕТО

Впрочем, во ваква ситуација не верувам во покус и полесен пат. Мнозинството граѓани не сакаат да живеат во бедна, неправедна и изолирана држава. Затоа ако опозицијата оди по вистинската патека, чекор по чекор, во мобилизација на граѓаните, груевизмот нема да има спас! Ниту од помош ќе му бидат сите режимски телевизии, сите релативизатори, ниту нивните контрадемонстранти.

Мултиетничка и мултиконфесионална Македонија ќе ја победи онаа фашистичката и примитивно националистичка Македонија. Протестот на 17 мај покажа и дека можеме да ги урнеме ѕидовите кои помеѓу граѓаните ги градат Груевски и Ахмети.

Оние кутри човечиња кои подигнаа контракамп нема да му бидат од помош на груевизмот. Мотивите што ги имаат луѓето кои на улица излегуваат против режимот, не можат да се споредат со мотивите на тие што го бранат.

Првите се борат за слобода, демократија, подобар живот и иднина, а вторите се обидуваат да ја спасат изборната кражба на режимот и мерцедесот на граѓаните од повеќе од пола милион евра, во кој се вози пастирот.

Кога народот ќе дојде по своето, Груевски нема да може да се потпре ниту на помошта од Ахмети, Амди Бајрам, Кенан Хасипи… Убеден сум дека за сето тоа е свесен самиот и дека почнал да си ги пакува куферите, единствено може да избере на кој начин ќе си оди.

Поврзани новости