Груевски: Ќе направам се што е во моја моќ да ги остварам ветувањата

by fokus

Изборите се зад нас, и по формирањето влада треба да се зафатиме со работа и активности на економски план, на планот на реформите во сите области, на планот на стратешките приоритети за приклучувањето на Македонија кон НАТО и ЕУ, на продолжување на градење на соживот и заедничка иднина за сите нас, а особено за младите, рече Никола Груевски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ во своето новогодишно обраќање.

Со заеднички напори, со одговорен пристап, посветено работење, држење до дадениот збор, со зацртана визија и со божја помош, верувам дека земјата ќе оди напред, а граѓаните ќе бидат позадоволни, порача лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

„Јас лично, никогаш не сум се штедел кога требало да се работи. Заедно со мојот тим, заедно со секој кој сака и може да помогне, ќе направам се што е во моја моќ, не само да ги остварам дадените ветувања, туку и да остварам повеќе од тоа. Дозволете секуму од Вас да му посакам да има добро здравје, да го следи среќа, да има смиреност во душата, да дава и да добива љубов повеќе отколку било кога досега, и да ги оствари своите зацртани цели и планови. Нека Ви е среќна и успешна новата 2017та година, им посака Груевски на граѓаните на Република Македонија.

Секако ако ја немавме политичката криза, додаде тој, можеше да се направи и многу повеќе, но би рекол. во дадените околности се извлече максимумот.

„Јас лично, и партијата која ја предводам ќе направиме се што е во наша моќ да се обезбеди политичка стабилност, да заврши политичката криза и земјата да чекори напред. Креаторите на кризата ги одолговлекуваа изборите, но на крајот тоа стана неизбежно. Народот го кажа своето мислење, и тоа мора да се почитува. Секој од нас политичарите од различните политички партии треба да извлече поука од пораките кои граѓаните ги испратија на последните избори, и да се фокусираме да направиме најдобро за земјата и за сите граѓани во неа“, рече Груевски.

На последните избори некои политичари поттикнати од некои центри на моќ играа на картата на чувствата на различните етнички заедници во Македонија, додаде тој.

„Таа карта им беше инструмент за остварување на други цели. Во суштина сите ние, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и сите останати, христијаните, муслиманите, евреите, атеистите, сите се соочуваме со исти проблеми. На сите нам ни е потребен уште позасилен економски развој, нови работни места, повисок стандард, повисоки плати, пензии, субвенции, повеќе можности и шанси особено за секој млад човек, поспокојни денови за пензионерите, поголема сигурност за земјоделците, извесност и перспектива. Ветувањата од кампањата мора да се реализираат. Разгорените страсти и преголемиот политички јаз да се да се намалат и нормализираат, меѓуетничките односи да се надградуваат во позитивен дух“, порача Груевски во новогодишното обраќање.

Поврзани новости