Груевски ќе ја слушне првата пресуда од случаите произлезени од „бомбите“

by fokus

Пресудата за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство ќе биде објавена денеска во Кривичниот суд.

Специјалното јавно обвинителство на последното рочиште во завршните зборови за предметот „Тенк“ побара Судот да ги прогласи за виновни поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник-министер во МНР Ѓоко Поповски, како и да ги платат судските трошоци во висина од 313.160 денари.

Обвинителот Гаврил Бубески побара Судот при утврдување на кривичната одговорност на обвинтетите да ги имаат предвид отежнителните околности дека Груевски дејствувал со директна умисла додека бил премиер и делото го направил од лична желба, но со буџетски средства, а како олеснителна околност неговата семејна состојба.

На новинарско прашање по завршување на рочиштето за висината на казните на обвинетите, Бубески, рече дека за Ѓоко Попоски е предвидена казна затвор од пет до 15 години, додека за Никола Груевски е предвидена казна затвор од една до три години и дека очекуваат во тие рамки да се движи и Судот.

Обвинетиот Никола Груевски во завршен збор наведе дека овие судски процеси се класично политички и ова судење е дел од една политичка хајка против него и неговите соработници.

Посочи дека барањето за набавка на ново блиндирано возило доаѓало од укажувањата на сите засегнати и запознаени професионалци со состојбата и условите на безбедносните возила кои ги поседувала Република Македонија.

Обвинетиот Ѓоко Поповски во завршен збор наведе дека договорениот орган МВР иако немал обврска, одлучил да спроведе постапка за јавна набавка со цел да добие пониска цена за блиндирано возило.

Поповски вчера беше осуден на деветгодишната затворска казна за случајот „Триста“, а му беше одредена и мерката притвор поради опасност од бегство.

Адвокатот Стерјо Зиков вчера во изјава за медиумите рече дека Поповски побарал од него да пренесе во судот дека не сака да присуствува на рочиштето за време на изрекувањето на пресудата за „Тенк“. 

Во „Тенк“  за набавка на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за која постапката е издвоена поради „ризична бременост“.

Поврзани новости