Груевски го осуди насилството, ама и начинот на кој СДСМ избра претседател

by fokus

„Сакам да го осудам насилството што поединци го направија напаѓајќи и лично повредувајќи поголем број пратеници“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по одржувањето на состанокот на извршниот комитет на партијата синоќа околу 4 часот по полноќ, по неговото враќање од Виена.

Тој смета дека начинот на кој СДСМ и другите партии се обидоа да изберат претседател на Собранието е целосно незаконски, противуставен и надвор од правилата на деловникот за работа на парламентот.

„Го осудувам начинот на кој СДС и другите партии што го поддржуваат, одлучија денеска да направат обид незаконски да изберат претседател на Собранието, еклатантно кршејќи ги сите демократски и законски процедури, со што до крајна мера и свесно придонесоа за зголемување на тензиите и за поларизацијата во нашето општество“, изјави Груевски.

Тој повика да се прифати иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов за средба на партиските лидери денеска, за, како што вели, наоѓање на институционално решение по мирен пат, без дополнителни штети за државата и за нејзините граѓани.

Груевски ги повика институциите „да направат брза и ефикасна истрага, да ги откријат виновниците и да обезбедат докази, а веднаш потоа да ги изведат пред суд тие што им нанесоа повреди на пратениците, граѓаните и на полицајците“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека во наредните денови партијата ќе ги објави своите следни чекори.

Поврзани новости