Груевски го нарече „труба“, Сугарески возврати: Ти пратениче си завршена приказна!

by fokus

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, возврати на коментарот со кој поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ го нарече неспособен, а работењето во Министерството фијаско. Според Груевски инфраструктурните проекти се пролонгирани со цел граѓаните да заборават дека биле осмислени, подготвени и проектирани во време на ВМРО-ДПМНЕ

„Само што дојде новата власт почнаа да смислуваат причини за да ја забават градбата и да создадат перцепција, како и за се друго дека „ништо не е по закон“, „се е нестручно, и ништо не чини“. А демек новиов министер е експерт и ќе ја оправи работата. А новиот министер „труба“. Во животот не работел ваква работа. Само знае гласно да збори, да се надвикува кога е во емисија, со што се обидува да го прикрие незнаењето и неспособноста“, напиша Груевски денеска на својот фејсбук профил.

Неколку часа потоа Сугарески одговори.

„Личните фрустрации, оној пратеникот Груевски нека ги споделува меѓу своите партијци кои цела деценија ги држеше во клинч, уценување и неизвесност. За своите несупеси и криминални дејства треба да зборува во Судот каде и му е местото, а не по социјалните мрежи да се правда како градел. Ако градел како што треба, до сега ќе беа изградени и автопатиштата и експресните патишта и се она што тој се фали.

Но, пратениче Груевски, Вие ја вративте Македонија години наназад. Сите влади што претходно ја градеа ова наша држава, вие ја заробивте и се однесувавте како да е лично ваша.
Ова не е одговор од мене за вас, ова е одговор од граѓаните на оваа држава од кои ги зeмавте нивните пари и наместо да градевте, вие се однесувавте како да се ваша лична сопственост.

Пратениче Груевски, нема повеќе скриени тендери како што правевте вие, нема повеќе договори и провизии во четири очи. Тоа да ви биде јасно. Тоа што Вие го практикувавте, сега е веќе минато.

Да бевте искрен спрема народот, ќе му кажевте дека автопатот Кичево –Охрид е тотално утка и срам за градежништвото. “Недај Боже” како што велиме ние во Прилеп да бидеш изведувач на тој проект па да ти се смее цела градежна фела какви утки се правени а вие сте знаеле и сте дозволиле да се гради. Дополнително да излезете и да му кажете зошто сега граѓаните ќе треба да враќаат нови стотитини милиони евра за да се покријат вашите утки.

Да бевте искрен ќе излезете и ќе им кажете како е можно на среде автопатот Миладиновци-Штип да има бандери на ЕВН.

Зборувате за експресните патишта, се сеќавате дека изградбата на експресниот пат од Штип до Кочани минува среде асфалтна база на приватен инвеститор. Патот минува низ археолошки локалитет и низ многу приватни имоти кои се уште не им се решени имотните прашања.

И да, зборувате за експресниот пат од Градско до Прилеп. Започнавте да ја градите првата фаза од Фаришката до Дреновската клисура. Ама само започнавте за да се сликате и веднаш престанавте. Ако сте искрен пред нашите граѓани, кои тие од свој џеб ги плаќаат изградбите на патиштата, ќе им кажавте дека и овој проект бил тотална утка уште на самиот почеток.
И наместо сега изградбата да тече како што треба, мора да се врши ново проектирање оти цела планина ќе ви падне врз патот.

И за крај пратаниче Груевски, вие ќе влезете во “легендите” за тоа како душмански се плачкосуваше сопствениот народ и држава.

Сега пратниче Груевски, Македонија оди само напред и никој нема да ја запре на тој правец.

А ти пратениче Груевски си завршена приказна!“, напиша министерот.

Поврзани новости