Груевски го бара пасошот за да се сретне со Виктор Орбан

by Fokus

Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска не се појави на јавната седница во Апелациониот суд, каде што неговите адвокати побараа да му биде вратена патната исправа, а која што му беше одземена со решение на Кривичниот суд, а по барање на СЈО како обвинет во случајот Титаник.

Адвокатите на Груевски, Димитар Дангов и Боро Тасевски пред судот посочија дека враќањето на пасошот не му е потребно на Груевски како личност, туку безмалку рекоа дека од тоа зависи и опстанокот на најголемата опозициска партија. Како што посочија, одземениот пасош било деградација за него како лидер, но и за неговата партија, со што ќе се придонело до изолација на истата.

Адвокатот Дангов се повика и на судската пракса, па ја пофали одлуката на Кривичниот суд донесена пред две години, со која одлучи пасошот да му се врати на тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев, како обвинет во случајот „Поткуп“.

Тој потсети дека и по неколку месеци, истиот суд на Заев му ја укинал и обврската еднаш неделно да се јавува во судот.

– Ако во тој речиси идентичен случај, судот одлучил да му се врати пасошот, зошто мерката за Груевски сега по две години да опстојува – рече Дангов, кој на судот и на СЈО им предочи и писмени докази од кои едниот со тековната состојба за имотот на лидерот на ДПМНЕ, спротиставувајќи се на тезата на СЈО дека Груевски ќе избега бидејќи бил богат, а исто така им даде и покана од Виктор Орбан, кој што го вика на гости Груевски.

Адвокатот Тасевски, пак зборуваше дека судот со носењето на оваа одлука буквално ќе одлучел и за понатамошното функционирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

– Вашата одлука е многу важна. Дали во оваа држава ќе се дозволи нормално артикулирање на стотици и стотици илјади приврзаници на партијата. Со одземање на пасошот се оневозможува партиските приврзaници да ги артикулираат своите партиски интереси – рече Тасевски, кој додаде дека држава со артикулирана опозиција не е добро, па затоа не треба да се дозволи тоа да се случи.

– Не се работи за ограничување на само едно лице, туку на рефлексија на стотици илјади граѓани – заклучи Тасевски.

Обвинителката Лиле Стефанова од СЈО пак истакна дека обвинителството останува на ставот, Груевски да остане без својот пасош и да остане на сила обврската да се јавува во судот еднаш неделно.

– Одбраната повеќе зборуваше за Груевски како политичар, отколку да понуди правна аргументација за да му се врати пасошот. Аргументите дека треба да патува во странство е уште еден доказ, да не му се врати патната исправа, бидејќи во текот на истражната постапка, Груевски во два наврати своето отсуство го оправда со патување на конгрес во Малта, а еднаш со обврски во Делчево и Каменица – рече Стефанова, која додаде дека, доколку му се врати пасошот на Груевски се создава ризик да не се појавува на судските рочишта за случајот Титаник, во кои заедно со него се обвинети уште 20 лица.

И обвинителката Стефанова се повика на судската пракса, па истакна дека во идентичен случај кога лидер на опозиција беше обвинет за изборни манипулации, посочувајќи го случајот Кампања, во кој обвинет и осуден беше Љубе Бошковски се случило дури и полошо сценарио, односно Бошковски бил во притвор.

Токму, затоа обвинителката побара жалбата на Груевски да биде одбиена.  Апелациониот суд има рок од 48 часа до донесе одлука.

В.В.

Поврзани новости