Груевски е најголемиот душман на Македонија од домашно производство!

by Фокус 11:05
11:05

Ana PanovskaПишува
Ана ПАНОВСКА

Партијата ја раководат странски платеници и шпиони… Главниот град е претворен во центар на американски разузнавачки служби за да нè шпионираат (со комбиња, заб. ав.)… Партиските функционери се гестаповски агенти… Радиостаниците треба да бидат исполнети со критики и разобличување на непријателите на земјата…“.

- Advertisements -

Е, ова, драги мои, да не се збуните, не е цитат од тирадите што ги слушаме секоја вечер од речиси сите наши Сители, Петти канали, Алфи и МТВиња. Ова е цитат од една резолуција, моја врсничка! Тоа е Резолуцијата на Информбирото од 1948 година. За младите „пленумци“ мало (крајно упростено) објаснување. Тоа е времето кога Југославија била растргната меѓу две политички влијанија, на „западните империјалистички сили и комунистичкиот блок од земјите на Источна Европа, предводен од советска Русија“.

Тоа е времето кога Југославија, иако комунистичка земја, сепак, решила да тргне по свој пат, да се оттргне од туторството на Сталин и на Источниот блок, да го каже големото „НЕ“ и полека да гради свој тип на социјализам. Но тоа за советска Русија не било прифатливо. За жал, тоа не било прифатливо и за одделни комунисти од Македонија, кои се крстеле во Сталин и за кои „Мать Россия“ била сè: правоверна на идеите на комунизмот, колевка на болшевизмот, крвав непријател на империјализмот и традиционално-национална заштитничка  на „душата словенска“.

Дошло до раздор. Најголемиот дел од граѓаните се определиле за Тито и ја отфрлиле Резолуцијата на Информбирото. Оние што ја прифатиле ваквата Резолуција, нашите македонски информбировци, заедно со „браќата“ од Исток, верувале во тезата дека растурањето на „љубовта“ со Сталин и советска Русија било дело на западни странски служби, шпиони и агентури, потпомогнати од домашните предавници и слуги на непријателот!

ДУШМАНОТ КОРНЕ ДУША!

Мооорее! Како клапнува ова сега, во актуелниов момент со „бомбата“ на Заев! Затоа морам да им кажам две-три „лепе…“ на овие наши современи „информбировци“ од ГДОМ и ним сличните „слободни аналитичари“ и медиуми, кои  здушно и јавно го бранат нивниот „Сталин“ и кокетно му намигнуваат на Путин, кои преку еден „торжествен“ вознес, во една архаичнo смешна поза се замислуваат дека имаат некаква „света“ должност да ја спасуваат Македонија од „платениците на нашите ДУШМАНИ“!

Кои се, бре, тие наши душмани? Устата ви се лепи кога ќе го изговорите зборот „душман“, а ако седите, веднаш станувате простум, со поглед непокорлив, јуначки! А, бе, душман, еееј!!! Душманот корне душа! Знам колку се потресува вашата пилешка душичка од душовадецот, замислувајќи си дека тој е дојден по вас и, ете го, ќе ви влезе дома! А, бре, мавнете се оттука! Еднаш помирете се со тоа! ВИЕ НЕМАТЕ ДУШМАНИ!!! Кој е тој што баш вам би ви бил ДУШМАН, конспиративци едни? Европската Унија? Америка? НАТО? Грција?

А, не! Грција не е, гарант! Таа е вашиот идол и голем газда, што ве купи сосе партали. Да, да, ја купи нашата цела вечна Македонија! Се препорачавте, се потпикнавте, се поткупивте и гнасно, поданички, ја ископиравте грчката земја овде. Визуелно ја исцртавте нејзината граница сè до „Скопје 2014“!!! А тоа тргна ударнички: со ОКТА, Стопанска, Цементарница, Мермерен, па потоа… ај, да не редиме. Срамота е.

И, значи, каде е сега душманот ваш, додуша, најмногу наш? Па, овде, во Македонијава! Не нè шетајте по скелиња со измислени душмани, шпиони, странски служби, заговори, и сето тоа само за да го спасите, со ваш речник кажано, најголемиот душман на Македонија, душманот од домашно производство, Груевски, премиерот!

Сите знаевме дека детето е забегано, мислевме идејно е така задоено, назад од векот, збунето од прикаските што му ги кажувале, па му се запалила главата, си се видел себеси како семоќен лик од античко-комитската митологија. Ќе му помине! Ајде, рековме, не секој поединец е кадарен навреме да ја види вистината замаглена од силните правливи витли на копитата на Букефал и забревтаните коњи комитски. Велевме, ете, секој народ мора да ја прегрми таа митолошка фаза, фарса. Па, логичен исход на таа општонародна хистерија е што  имаме таков премиер!

Леле, каков премиер? А, бре, ние сиве овие 9 години сме немале ПРЕМИЕР! Арно наоѓаме леб по продавнициве! Зар оној човек што ладнокрвно раководи со оние матни работи вредни милиони евра, зар тој ни бил премиер? Па, луѓе, тој немал ни интерес, ни време, ни концентрација за работата што требало да ја врши. Тој ги осмислувал и педантно и упорно ги раководел сите детали на апашката изведба на зделките, тендерите и провизиите. Тој плански и обмислено ги урнисал државните институции како колатерална штета во неговиот зафат, вешто разградувајќи ги, со што си ја обезбедил потребната логистика за тој ѕверски чин: почнувајќи од судството, обвинителството, медиумите, бизнис-заедницата, за на крај да го урниса и парламентот.

Некои од оние „благонаклоните“, што ја насетуваа работата, знаеја да кажат дека „детето си е арно, ама тие околу него зад грб му прават дубари!“ Кои дубари, црни вие? Не гледате ли дека тој е мозокот? Благодарение на некои луѓе, асли луѓе од МВР, кои по наредба на УБК биле вклучени во долгогодишното тајно прислушкување, а се осмелиле да ги обелоденат тие звучни записи, ние сега дознаваме какви сè монструозни дела врвните луѓе од власта правеле тука, покрај нас. А, ако, пак, овие снимки не се дојдени од наши, домашни извори, туку од „странски разузнавачки служби“, како што велат Груевски и неговите,  тогаш јас, во името на сите оние македонски граѓани на кои им е поважна главата од шамијата, од срце им се заблагодарувам и ги благословувам! Тоа мора да се наши големи пријатели, кои ни ги отвориле очите и ни подале рака, во последен момент да се обидеме да се спасиме од живиот песок.

ЗБИРШТИЈА ОД СЕКАКВИ ПОЛУФАЦИ

Видовме дека Груевски е мозокот на пљачката. И на таа со милионите евра, и на онаа со стотиците лажирани изборни гласови. Тука, и со тоа,  завршува неговата историска улога. Чиста, гангстерска стратегија, зашто кај него идеологија нема! Нема политичка идеја. Го нема тој амалгам што ја сврзува мрежата преку која комплетно се владее. И затоа, со неговата купи-продај филозофија, како што е лукав, се досетил да си купи и идеологија. И добро му легнаа овие наши новокомпонирани „информбировци“од ГДОМ и ним сличните, кои не мораат да глумат дека се заинтересирани за некоја евро-атланска иднина на нашата земја, па фураат накај Путин, да избегаат што подалеку од „блудницата вавилонска“, притоа децидно легитимирајќи го Груески како главен кочничар на европската интеграција на Македонија.

Далеку од тоа дека баш само оваа збирштија од секакви полуфаци е идејниот амалгам на владеењето на Груевски. Има некои значајни, многу битни фаци во заднината на овој процес, кои спокојно си го посматраат раскршувањето на земјата, глумејќи лигава неутралност, топло поддржувајќи го „јакото, храбро момче од Македонија“, кое на оние од Европа и од Америка им покажува – „шипак“! Тоа се некои наши „длабокоумни“ академици, „начитани“ професори-уставотворци, албанофоби; тоа се некои наши засрамени режисери, спикани во една од многуте глувчешки дупки на „Македонија е вечна“; тоа се писатели кои отсутно шараат со погледот, зашто ако те погледнат в очи ќе го видиш нивното инспиративно творечко НИШТО; тоа се некои наши стручњаци, американски државјани, со богата семејна традиција; тоа се некои наши бизнисмени, на кои душата им гори за Македонија, но емотивно се врзани со бившите „информбировски“ простори, каде што започна натрупувањето на нивното големо лично богатсво.

За жал, сето тоа шарено елитно друштво, само со нивното молчење и бесшумно дишење, го создава оној силен ветар во грбот на Груевски, со кој граби напред во сè нови и нови победи во злосторничките остварувања и дела! Покажете се, бре, неутралци, не плашете се! Кренете глава од вашите книжулчиња, квазиисториски „стручни“ писанија, трагикомични пиесички и скечеви… Македонскиот граѓанин и без ваша помош, па дури и со теговите од вашата неутралност на грб,  железни опинци ќе стави, и орлови нокти ќе пушти, и пак некако, ако треба лазејќи, ќе ја довлечка Македонија  во Европа! А, вие, бре, и натаму потајно надевајте се и навивајте „Грујо“ да ја почне третата петтолетка!

Поврзани новости