Груевски: Дескоска нека каже една фирма која сум ја преземал со изнуда, ако не да се извини!

by fokus

Никола Груевски, бегалецот во Унгарија, се јави со нов фејсбук статус со кој бара извинување од министерката за правда Рената Дескоска.

-По повод интервјуто на Рената Дескоска за ТВ 21, ја повикувам да каже барем една фирма која сум ја преземал со изнуда или без изнуда или на било каков начин, пред да го спомнува моето име. Барем една.
Ако има таква. И да изнесе докази за тоа и веднаш нека ја конфискува.
Ако нема такво нешто и ако има малку доблест треба да се извини.

Пред две години српскиот политичар Јеремиќ изјави дека сум приватизирал фабрика за оружје во Србија. ОЈО веднаш побрза да објави дека за ова започнуваат истрага. Во овој контекст го повикувам Јовески по две години откако под негово водство ОЈО објави дека ќе вршеле истрага, да ги објави резултатите од таа истрага. Самата објава дека ќе има истрага за нешто кај многумина создава сомнеж дека нешто се случило. Затоа, коректно е да се објават и резултатите од таа истрага.

И уште нешто околу интервјуто на Десковска која изнесе неточни информации околу дејствија поврзани со Законот за јазиците и случајот ТНТ, на наводен неетички обид на мој адвокат.
Јас немам од мене ангажиран адвокат во Македонија за случаите на СЈО повеќе од една година. Тие адвокати кои порано сум ги ангажирал, имале, имаат и ќе имаат илјадници други клиенти чии интереси ги бранеле, ги бранат и ќе ги бранат.
Не личи на министер за правда кој претендира да биде сфатен сериозно да ја манипулира јавноста со фрази од типот “адвокатот на Груевски” направил ова или она, кога добро знае дека над една година немам ангажирано адвокат, а дека тие кои некогаш сум ги ангажирал денес бранат права и застапуваат многу други клиенти.

Десковска може што сака да мисли и зборува за мене, но не личи да манипулира со јавноста создавајќи лажна слика и перцепција дека јас сум ангажирал адвокат сега да поведе некоја постапка во некаква моја корист.
Ако пак има доказ за такво нешто, ја повикувам да го објави.

Всушност, тоа е исто како денес некој за нејзиниот сопруг да каже: “правниот соработник на Груевски (владата на Груевски) по прашањето поврзано со процесот кој Македонија го водеше против Грција во Хаг, денес направи … “ …тоа и тоа… Креирајќи перцепција дека ако некогаш нејзиниот сопруг, на професионална база, соработувал со владата која ја предводев и со мене лично како Премиер по одредени прашања за кои имал експертиза, ги застапувал интересите на државата и во тоа време си го завршил својот професионален дел во правец на одбрана на името и националниот идентитет, за што му бил платен хонорар, дека тој сега за сите негови чекори понатаму треба да се поверзува со мене.

Секој министер треба да знае што зборува, доколку сака народот да го смета за сериозен. Не е доволно само сериозно да изгледа. Народот ги цени зборовите и делата, фактите, искреноста, лагите и вистината а не само дали звучеле сериозно кажано кога се кажале.
А за барањето на извесен адвокат по националност Албанец, судот да му преведе се’ на Албански јазик, ја упатувам на самата себе како висок функционер на СДСМ и министер за правда. Тие на неуставен начин донесоа таков закон, а не јас. Кога предупредував во парламентот, кога реагирав на неуставното работење на парламентот и неуставниот закон за јазиците, каде беше тогаш Рената Десковска? Молчеше! Функцијата и привилегиите и беа помили од интегритетот.
Нека се погледне во огледало пред вината да ја бара кај било кој друг, напиша Груевски на фејсбук.

Поврзани новости