Груевизмот треба да се сотре во корен

by Fokus 12:13
12:13

Тргнаа листите! Излегоа на виделина. Имиња и презимиња на кандидатки и кандидати кои ги разбрануваа духовите, ги потпалија дискусиите, падна по некоја ФБ-кавга, дури и пцовка, и почна мерењето. На вага ‒ да се види кој колку тежи. Убаво! Така треба! Ми се чини дека дури и обичните граѓани никогаш така не се внеле во анализа на ликовите од листите како овој пат.

Се разбира, тоа се случува и може да се случи само во кампусот на опозицијата; ваму, на другава страна, кај позицијата, молк! Се чека последниот момент за објавување на листите ‒ што за членството и симпатизерите нема никакво значење: како ќе се рече, така ќе биде! Кој таму, кај Груевски и Ахмети, би писнал нешто што би личело на некое плашливо несогласување, а уште помалку како гласна критика за потезите на лидерите?

- Advertisements -

СЕ ПОТКРШИЈА НЕКОИ КОПЈА

Како и да е, во таборот на опозицијата се поткршија некои копја, но не мислам  дека тоа ќе внесе некој раздор и недоразбирања кои ќе влијаат на главната цел: рушењето на режимот на Груевски. Ја замолувам опозицијата, во настапите на предизборните митинзи веќе никогаш, ама баш никогаш, да не ја употребува фразата: „Заминување на Груевски…“ Понекогаш и не сме свесни што значи зборот „заминување“ како содржина! Тоа значи, чекање!

Тоа е, всушност, едно немоќно стрпливо чекање. Како кога некој немил гостин, лош по душа, превртлив, саможив, лаком, а и му потфаќа рачето, што по некои редишта ти дошол в куќи, па чекаш, нервозно цупкајќи, да се реши да си замине.

Работава кај нас е сосема поинаква. Груевски не смее веќе да си замине! Имаше шанса пред две години доброволно, тивко, без ѓурултија, со наведната глава да си замине, со оглед на тоа што и самиот знаел што сè има правено, и тоа во време кога народецов не ни сонуваше дека до таа мера можело да се краде, од избори до плацови. Не! Тој на 11 декември мора да биде избркан, истуркан, исклоцан, исплукан…

Затоа е битно да се затворат сите вентили, сите излези, тунели и подземни премини, за груевизмот, како државно-политичко поведение, токму на местото на злосторството, по македонските села и градови, да биде докрај разобличен и сотрен во корен, и тоа преку слободен избор на граѓаните.

Оттука, по првичното бранување околу листите на опозицијата, мора да се тргне со едно сериозно зафаќање со работа. Сега треба да се поддржат сите кандидати, без разлика дали ни се по вкус. Софија Куновска, иако избрза со реакцијата, сметам дека нема во наредниот период до изборите да се занимава со нејзиниот личен „пораз“, и дека ќе се запне, ќе биде срчана и борбена, како што беше и досега. За некои луѓе од претходниов пратенички состав ми е навистина жал што не се на листите, но и од нив очекувам дека ќе дадат сè од себе за конечното рушење на Груевски.

ДА ГИ „ПРЕСЛУШАМЕ“ И  „БРАНКОВИСТИТЕ“

Е, сега е време малку да ги „преслушаме“ и таканаречените  „бранковисти“. Како тие ќе се држат во ова предизборие. Црвенковски, со присуството на претходниот конгрес на СДСМ, јавно му ја даде поддршката на Заев, но дали и неговите следбеници, кои останаа огорчени по смените во СДСМ, ќе се накренат и ќе го вложат своето искуство, знаење и патриотизам за успешно враќање на опозицијата на власт.

Уште поважно прашање е дали гарнитурата на Заев искрено и пријателски ќе ги потфати и ќе смета на помошта од еден Макрадули, Бендевска, Јовановски, Георгиевски, Ивановска… Слога! Колку тоа ветво и евтино да звучи, сепак е проверена и потврдена вистина што важи за сите успешни потфати, било меѓу членовите на едно семејство, било меѓу граѓаните во претстојната масовна акција за големо чистење на државата од останките на груевизмот, но и од останките на тврдокорните моделари на транзицијата, која кај нас, историски непростливо, предолго се развлече, овозможувајќи им на некои матни фаци до ден-денешен да ловат во матно и да се обезбедат со богат, мрсен улов.

Затоа за поздравување е потегот на Заев што на кандидатските листи стави и претставници на Шарената револуција, независни интелектуалци, „нечленови“ на СДСМ, млади активисти од Пленумот и други. Сето тоа укажува на градењето и зацврстувањето на слогата меѓу сите оние што цели две години маршираа низ улиците во сите градови на Македонија за да ја изведат „мирната револуција“ со која ќе падне режимот.

А, режимот мора да падне, бидејќи ги исполнува сите научно-историски закономерности кои доведуваат до распадот на еден државен систем. Робеспјер тоа кратко го објаснува: „Главните причини за падот на една држава лежат истовремено и во извршната и во законодавната власт ‒ извршната власт, која сака да ја уништи државата, и законодавната власт која не сака да ја спаси.“

Е, токму нешто такво ни се случи нам со владата на Груевски, која ја уништи државата и со собраниското мнозинство, кое не сакаше да ја спаси Македонија.

 

Поврзани новости