Груби: Се воведува Бадентер во обвинителството за организиран криминал и корупција

by Fokus

Потпретседателот на ДУИ, на денешната прес конференција и официјално објави дека во новиот закон за Јавно обвинителство се вметнати сите барања на нивната партија, по што тој оди на пленарна седница, каде треба да добие 2/3 мнозинство, односно најмлаку 80 гласови од пратениците.

„Апсолутно сите барања на ДУИ и на заедницата веќе се инкорпорирани во двата текста на закони. Успеавме да воведеме Бадентер во изборот на сите јавни обвинители во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, успеавме да ја вметнеме и целосната еднаква, службена, употреба на албанскиот јазик во сите постапки во Јавното обвинителство и во советот на Јавни обвинители, согласно одредбите од Законот за употреба на јазиците, како и намалување на критериумите за избор на јавни обвинители, при што ќе се обезбеди правична застапеност и на Албанците и на другите заедници во Јавното обвинителство“, рече Груби.

Комисијата за европски прашања ја заврши дводневната расправа на чиј дневен ред беа Законот за Јавно обвинителство и Законот за Совет на јавни обвинители.

-Комисијата за европски прашања во рекордно време ја заврши расправата без прифатен ниту еден амандман. Сега двата закони се во рацете на претседателот на Собранието, кој откако ќе потврди дека имаме дво-третинско мнзоинство, кое верувам дека го имаме, ќе се стави на гласање. Имаме и други Закони кои се надевам дека ќе бидат изгласани, рече Груби по завршување на седницата.

Пратеникот смета дека веќе имаат дво-третинско мнозинство, ако се земе предвид како се одвивала дебатата. Тој додаде дека се надева дека законите кои ќе ги донесат до распуштање на Собранието ќе бидат доволни земјата да отпочне преговори за членство во Европската Унија.

 

Поврзани новости