Груби: Чиста препорака на 17 април, ја имаме поддршката и од Германија

by fokus
Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Артан Груби
заедно со членовите и замениците членови на Комисијата, денеска оствари
средба со хомолозите од Комисијата за ЕУ прашања при германскиот
Бундестаг, предводена од претседателот г. Гинтер Крихбаум. Покрај Крихбаум
(ЦДУ), во состав на делегацијата беа и пратениците, Харалд Вејл (АфД) и
Томас Хакер (ФДП) .
Груби истакна дека посетата на Германските колеги е правовремена и
многу потребна за нашата земја затоа што доаѓа од клучна земја членка на
Унијата и голем пријател на Македонија и регионот.
Тој ги запозна своите германски колеги со денешното планирано
заокружување на реформските активности на земјата во светло на европските
и евроатлантските интеграции, но и пошироко, во контекст на улогата на
Република Македонија, во однос на регионалната соработка и стабилност.
Во тој контекст, Груби го поздрави враќањето на опозицијата назад во
работата на Парламентот, при што токму на денешната парламентарна
седница, во духот на консензусот и во интерес на иднината на Република
Македонија, ќе бидат донесени сетот на преостанати законски проекти, со што
ќе се заокружат клучните реформски области.
Груби посочи и на активностите кои се превземаат во контекст на
напорите за надминување на разликата околу името, како и генералното
унапредување на односите помеѓу двете земји, при што изрази оптимизам дека
решението е поблиско од било кога. Тој додаде дека клучни успеси на ова
парламентарно мнозинство се и заокружувањето на нормативниот дел од
Охридскиот Договор преку постигнување на јазична еднаквост и
добрососедскиот договор со Бугарија.
На средбата со своите германски колеги, која се оддржува непосредно
пред објавувањето на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на
Македонија, Груби истакна убеденост дека земјата ќе добие чиста и
безусловна препорака за почеток на преговорите и побара Германска помош за
добивање и датум за преговори годинава, но и за покана за членство во НАТО
на Јулскиот самит на Алијансата.
На средбата, пратениците изразија задоволство од заемните заложби за
внесување нова динамика во политичкиот дијалог, кој е во функција на
збогатување на севкупната билатералната соработка меѓу Република
Македонија и Сојузна Република Германија.
Исто така, беше заклучено дека парламентарната соработка мора да се
продлабочува, беше изразена благодарност за континуираната поддршка и
посветеноста на Германија за европските интеграции на земјите од Западниот
Балкан, а особено беше истакната благодарност за поддршката на Германија
преку иницијативата на „Берлинскиот процес“.
Германските пратеници ја реафирмираа поддршката на Сојузна
Република Германија во однос на европскиот и евро-атланскиот интегративен процес на земјата, оценувајќи дека интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ
ќе резултира со оддржлив мир и стабилност во нашата земја и регионот.

Поврзани новости