Грците го чествуваат Блаже Конески, а некои Македонци го нарекуваа „џуџе“

by fokus

Во Солун, Грција минатата недела се одржа свеченост посветена на македонскиот поет и прозаист Блаже Конески во рамките на Меѓународниот саем на книгата кој се одржува во овој град. За настанот кратко поразговаравме со Вера Стојчевска – Антиќ, македонски книжевен историчар и теоретичар која беше поканета да ја промовира нејзината книга посветена на Конески со наслов „Мојот професор – пророк“. Целиот настан и честа која во Грција му е приредена на основоположникот на македонскиот литературен јазик и современата поезија и литература особено отскокнува од негативниот однос кон ликот и делото на Конески на луѓе од власта во заминување, кои го нарекуваа „џуџе“.

Нашата соговорничка вели дека уште пред два месеци добила покана од Фондацијата за култура во Атина, да земе учество на меѓународниот саем, по повод свеченоста која е планирана да биде посветена на Конески.

„Со задоволство го прифатив тоа, посебно што и неодамна излезе мојата книга „Мојот професор – пророк“, која само во Македонија предизвика шест промоции, а сега и во Солун допре книгата за Конески. Во преполна сала, во огромниот мамутски саем се одржа една пријатна свеченост на која прв зеде збор грчкиот автор Костас Валетас. Тој одржа навистина еден искрен говор за Блаже Конески воздигнувајќи го високо во рамништето на познатите светски поети. Нагласи дека невозможно е што тој не добил и многу повисоки светски награди бидејќи ги заслужил. Валетас ја има преведено поезијата на Конески, направен е избор од самиот Валетас што предизвика голем интерес во Грција и пошироко. Мојата книга ја промовираше професорот Димитар Пандев а јас говорев за личноста на Блаже Конески кој беше мој професор, колега и кого го почитувам извонредно. Свеченоста заврши со рецитирање на песни од Конески на македонски и на грчки јазик. Беше промовирана и најновата книга на Томислав Османли. На саемот исто така имаше и македонски штанд каде повеќе издавачи од Македонија ги изложија своите книги со што бројните посетители имаа можност да се запознаат со творештвото, посебно со современите изданија. Сево ова се случуваше во организација на генералниот конзулат на Македонија во Солун, со генералниот конзул, Маја Апостолова“, вели Стојчевска – Антиќ.

Таа се изненадила од приемот во Грција каде со оглед на кризните времиња, македонските автори поминале извонредно.

„Вакво едно високо мислење да се негува среде Солун и Грција навистина е одлична работа. Ова е мој трет настап таму, претходно направив еден избор на песни посветени на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум Охридски. Сите овие песни беа побарани од Грција да ги преведат на грчки јазик. Книгата се појави со преводи на сите тие мои собрани авторски песни на грчки јазик. Беше промовирана во Солун на саем а промотор беше познатиот грчки славист Емил Тахиаос кој веднаш ми кажа дека само што ја отворил книгата и видел дека првата песна е „Послание“ на Блаже Конески, веднаш се согласил да биде промотор. Истакна дека Конески е негов омилен стар другар и пријател и раскажуваше за нивните средби во Света Гора и на други места“, додава таа.

Вера Стојчевска – Антиќ која научниот век го поминала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и била прв директор на Институтот за македонска литература и прв член од Македонија во Американската славистичка асоцијација, како многу важни за македонскиот јазик ги издвојува и напорите на САД за развојот на македонистиката.

Во време кога пропагандисти од досегашната владеачка партија ги обвинуваат САД дека наводно работат против македонскиот идентитет, јазик и култура, искуството на Антиќ е сосема спротивно.

Таа била координатор за македонистика 15 години и посетила бројни универзитети во Чикаго во Мајами, Њујорк, Сан Диего и други градови во САД за да оцени каде се развива македонистиката во славистичките катедри низ Америка.

„За ова направив голем извештај со бројни предлози и забелешки како да се развиваат понатаму. Се организираше и македонски лекторат во Детроит. Сите мои забелешки беа реализирани во време кога САД ги прекинаа контактите со сите поранешни југословенски земји. Голема помош направи и Виктор Фридман и да не беше тој, можеби многу работи не би се реализирале“, додава Стојчевска – Антиќ.

Поврзани новости