Грција во понеделник ќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО дека нема да се противи на евро-атлантската интеграција на Македонија

by Fokus

Во недела ќе бидат потпишани од шефот на грчката дипломатија, а во понеделник наутро ќе бидат испратени писмата до ЕУ и НАТО, дека Грција нема да се противи за европска и евро-атлантска  интеграција на Македонија. Ова го откри самиот Никос Коѕијас, говорејќи пред новинарите на крајот од Конференцијата за стабилност и безбедност на грчкиот остров Родос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција, рече дека минатиот петок, пред потпишувањето на договорот, без да биде обврзан, испратил писмо до генералниот секретар на НАТО, во кое го известува и ги поставува предусловите со кои треба да биде поврзана поканата за членство, односно оние услови што ги предвидува самиот договор.

Во однос на новите писма, Коѕијас потврди дека ја добил нотата од македонското МНР дека договорот беше ратификуван, а во понеделник Грција ќе го исполни нејзиниот дел од обврските.

– Во мојата дипломатска канцеларија ги имаме од завчера подготвени писмата. Одбрав да ги потпишам самиот во Брисел во недела за во понеделник наутро да се достават до Европската унија и НАТО. Тоа се писма кои велат дека бев известен од другата страна за ратификацијата на договорот во Собранието и дека врз основа на обврските и предусловите кои ги имам поставено, може да продолжат напред, рече Коѕијас и објасни дека за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постоја тешкотии“, бидејќи, како што рече, има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

– Нема да биде добро да се случи такво нешто, коментираше шефот на грчката дипломатија.

Поврзани новости