Грција во 13 часот ја отвори границата за патници од Македонија

by fokus

Од 13 часот денеска е дозволен влез во Република Грција и на граѓаните од Република Северна Македонија преку граничниот премин „Евзони“, соопшти МВР. За влез во Грција е потребен негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, 14 дена поминати од ревакцина, признаени ќе бидат сите сертификати за извршена вакцинација, а за деца до пет години не е потребен ПЦР тест. Тие што ќе патуваат ќе мора да пополнат и електронска пријава еден ден пред да патуваат.

– Од страна на грчките гранични служби добивме известување дека од 13:00 часот е дозволен влез во Република Грција на граѓаните од ЕУ, трети земји и граѓани од Република Северна Македонија преку ГП „Евзони“. Според протоколот за влез, граѓаните од ЕУ, од трети земји и од Репубика Северна Македонија ќе може да остварат влез во Република Грција преку ГП „Евзони“ со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или Сертификат за примени две дози вакцини (14 денови поминати од втората доза вакцина), при што ќе бидат признаени сите сертификати за извршена вакцинација, додека за деца до пет години не е потребен ПЦР тест. Исто така, останува обврската за електронска пријава на сајтот www.travel.gov.gr (ден пред патување) за обезбедување на ПЛФ (Passenger Locator form) документ, се посочува во соопштението од МВР.

Оваа мерка, како што се наведува, ќе се применува до 24 мај 2021 година односно понеделник, при што граѓаните ќе може да остварат влез во периодот од 07.00 до 23.00 часот (по грчко време), или од 06.00 до 22 часот (по наше време), a за излез од Грција нема ограничувања и ГП „Евзони“ ќе работи 24 часа. Протоколот за товарниот сообраќај останува ист, се посочува во соопштението од МВР.

Поврзани новости