Грција се налути поради “твит” на Заев

by fokus

Грција го замрзнува ратификувањето на меморандуми за соработка со Северна Макеодонија поради објава на премиерот Зоран Заев на „Твитер“ за фудбалската репрезентација, во која не го користи уставното име на државата.

Под наслов „Гнев во Атина, замрзнуваат меморандуми со Северна Македонија“, грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека станува збор за три меморандуми кои парламентот требало да ги ратификува идниот месец, на 10 јули, но дека сега процесот ќе биде одложен, најверојатно, за септември, а можеби и за подоцна. Повикувајќи се на владини извори, „Катимерини“ пишува дека грчката влада не може да „замижи“ пред „двојната игра“ на „соседите“, потенцирајќи дека изминатиов период имало неколку „инциденти“ поврзани со Договорот.

Во текстот се пренесува изјава на портпаролката на грчката Влада, Аристотелија Пелони, која вчера испрати предупредување дo премиерот Зоран Заев дека мора да го почитува Договорот од Преспа во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани.

„Бараме целосна имплементација на Договорот од Преспа и неговиот дух, го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено во такво чувствително прашање какво што е фудбалот“, порача Аристотелија Пелони.

Во „твитот“ од понеделникот кој ја налути грчката влада, Заев напиша дека фудбалскиот натпревар го следи заедно со холандскиот премиер и дека без оглед на резултатот, дава поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“.

-Денеска од стадионот во Амстердам давам силна поддршка на македонската фудбалска репрезентација, напиша тогаш Заев.

Поврзани новости