Грција останува затворена за државјани на трети земји до 19 април

by Fokus

Одлуките за привремено ограничување на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, грчката Влада ги продолжи за уште две седмици, односно до 19 април 2021 година, а за транспортерите продолжено е работното време на граничниот премини Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретниот премин, ќе биде отворен од 7 до 23 часот по локално време, наместо до 19 како што беше претходно, иако македонските и грчките транспортери, од надлежните власти бараа, за нив да биде отворен 24 часа, со оглед на тоа дека има голема фреквенција на камиони.

Непроменета е одлуката за спроведување брзи тестови на Евзони (Богородица), како за возачите на камиони, така и за оние за кои постои исклучок од забраните за патување кај јужниот сосед, а негативен резултат е предуслов за влез во Грција.

Новата министерската одлука за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, за забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот синоќа беше објавена во Службен весник на Грција, а стапува во сила утре во 6 часот наутро.

Првиот член од министерската одлука се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон земјата „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19, како и забрана за влез на лица преку наведените поврзувања, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.

Граничните премини Евзони (Богородица) со Северна Македонија и Какавиа со Албанија работат од 7 до 19 часот, по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена, објави МИА.

Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

За странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата), кој работи од 7 до 23 часот по локално време и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.

Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“.

Исклучок, се државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и државјаните на Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија, Руанда, Сингапур и Израел.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

За сите оние за кои е дозволен влез во Грција, освен негативен ПЦР тест, потребно е да го имаат пополнето и специјалниот формулар PLF (Passenger Locator Form), да бидат негативни и на брзиот тест на граница, а при влез од Северна Македонија и Албанија, односно од граничните премини Евзони (Богородица) и Какавиа задолжителен е домашен карантин од 14 дена.

Границите на Грција, повеќе од една година се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш се продолжува на секои две седмици.

Средината на следниот месец, односно 14 мај, грчката Влада го одреди како можен термин за почеток на туристичката сезона, а за патување во Грција ќе биде потребно или сертификат за вакцинација или негативен тест или потврда за прележан Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче, во средата рече дека министерот за туризам на Грција Харис Теохарис го известил дека на 14 мај Грција планира да ги отвори граничните премини Евзони и Дојран и за македонските државјани, додека па вчера, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи рекоа дека очекуваат следниот месец, границите да бидат отворени.

Поврзани новости