„Грција го поддржува територијалниот интегритет на северниот сосед, меѓутоа ја отфрла можноста Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО под привремената референца“, изјави шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.
„Сега Македонија ќе сака да биде членка на повеќе меѓународни организации. Ние тоа ќе го поддржиме по под услов да се реши проблемот со името“, рече Коѕиас, додавајќи дека потребен е нов договор во ОН за ново име, кој потоа ќе се презентира во Европската Унија.
Шефот на македонската дипломатија, Димитров, рече имал отворена и пријателска средба со Коѕиас. Тој, говорејќи за односите меѓу двете земји и за првата официјална посета, истакна дека не често се случува „после прва средба да почне да се танцува“, но рече дека ќе продолжи да работи на олеснување и подобрување на односите меѓу двете земји.
„Задача на дипломатите е да градат мостови, да отвораат врати и затоа првата посета е на Грција. Ќе продолжиме да даваме аргументи со зборови и со дела, дека е во интерес на нашиот јужен сосед и ние да бидеме европска демократија што ќе влезе во НАТО и ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Убеден сум дека отворањето на патот може да помогне да се затвори главното прашање“, истакна Димитров на прес-конференцијата.