Грција купува 18 воени авиони од Франција

by fokus

Договорот со кој Грција ќе набави од Франција 18 воени авиони Rafale, денеска го потпишаа министрите за одбрана на двете земји Никос Панајатопулос и Флоранс Парли и ги истакнаа долгогодишното грчко- француско пријателство и соработката меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за одбрана на Грција истакна дека договорот ќе придонесе за дополнително зајакнување на воената способност и моќ на военото воздухопловство и армијата, „чија главна мисија е да ги бранат територијалниот интегритет и суверените права на земјата“.

Панајотопулос додаде дека разговарале и за безбедносните предизвици и стабилноста во Источниот Медитеран.

Неговата француска колешка Флоранс Парли рече дека Грција е прва европска земја што ќе добие воени авиони Rafale и откри дека набргу Франција ќе достави до Грција предлози и за обнова на флотата на воената морнарица.

Пред десет дена, грчкиот Парламент, со широко мнозинство го изгласа законот за набавка на шест нови и 12 половни воени авиони, а вкупните трошоци се 2.49 милијарди евра и освен набавката, вклучуваат и трошоци за одржување, како и за набавка на опрема, односно оружје за самите авиони.

Поврзани новости