Грција ги отвора продавниците: За шопинг се дозволени два часа, со претходна најава преку смс

by Fokus 09:15
09:15

По речиси два и пол месеци, под посебни мерки, денеска во Грција се отвораат продавниците, моловите и трговските центри, а повторно со работа почуваат и козметичките и фризерските салони, берберниците и центрите за техничка контрола на возила, јави дописничката на МИА од Атина.

Отворањето на продавниците, не значи и крај на карантинот во Грција што започна на 7 ноември 2020 година, со оглед на тоа дека и понатаму во сила се рестрикциите за движење, односно излегување од дома само со испратена смс порака од шест конкретни причини, а паралелно во сила е и полицискиот час од 21 часот до 5 часот наутро, како и забраната за патување меѓу периферии.

- Advertisements -

Продавниците ќе работат под конкретни правила, со ограничен број муштерии, додека пак маската е задолжителна за сите, исто како што е задолжителна секаде во Грција.

Граѓаните ќе имаат на располагање два часа за шопинг и само по претходно испратена смс порака, која ќе треба да ја чуваат во случај на контрола.

За продавниците до 100 метри квадратни дозволени се до четири лица, а за оние над 100 метри квадратни, по едно лице на секои 25 метри квадратни, наместо на 15 како што беше пред карантинот.

Еден посетител на 25 метри квадратни ќе важи и за трговските центри и моловите.

Берберниците фризерските и козметичките салони, ќе работата само со претходно закажан термин.

Продавниците беа отворени во пресрет на божиќните и новогодишните празници, работеа околу 20 дена, но само за подигање на претходно направена порачка преку интернет или телефонски, која беше прекината пред две седмици.

Рестораните, таверните, кафулињата, баровите, фитнес центрите, музеите, археолошките локалитети, како и средните училишта и универзитетите и понатаму се затворени.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 237 нови случаи на ковид-19, а почина 28 лица.

Од почетокот на епидемијата има 148 607 заразени и 5 469 смртни случаи.

Поврзани новости