Грозданова: Подготвени сме да ги примиме вакцините

by Фокус

Нашата држава месеци наназад се подготвува за логистиката околу пристигнувањето и дистрибуцијата на вакцините и нивната апликација и ние сме целосно подготвени да ги примиме вакцините, истакна претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова.

– Обезбедени се неколку фрижидери на минус 70, од кои едниот е веќе во Клиничкиот центар, другите се стационирани во здравствените домови низ државата и воспоставени се комплетни стандардни процедури во однос на нивното складирање, диструбуција и апликација – рече Грозданова на Сител.

Таа информира дека медицинските лица од вакциналните тимови поминале две виртуелни обуки и две обуки во живо, со цел, како што вели, процесот на вакцинација да се одвива според сите стандарди кои ваквиот процес ги бара.

– Министерството за здравство, вклучително и националната работна техничка група, е постојано во контакт со сите можни механизми преку кои се обидуваме да ги набавиме вакцините. За очекување е вака деликатен производ како што се вакцините, меѓу кои и фајзеровата вакцина, да побарува едни специјални услови на чување, складирање и дистрибуција – истакна Грозданова.

Поврзани новости