Грев е да потклекнам на сета поддршка која ја добив, вели музичарот Толевски по пожарот во кој му изгоре локалот

by fokus

Многу труд, финансии и емоции вложив во кафеаната Камин Кама, која ја работев шест години. Буквално, од штала направив естраден локал за дружење и фамилијарен ресторан.

Се изгоре за час, отидоа години на посветеност во пепел – за ,,Фокус” раскажува музичарот Трајче Толевски, чиј угостителски локал во Скопје завчера изгоре до темел.

Местото беше познато како катче на фолк естрадата, каде нашите музичари се дружеа, настапуваа и беа чести гости, кога професионално ангажирани, кога пак приватно собрани на колегијална дружба.

Толевски вели дека по првичниот увид од надлежните органи, информацијата која ја има околу тоа како настанал пожарот кој ја проголта кафеаната, е дека се започнало најверојатно од кујната.

Локалот не бил осигуран, и сега комплетното реновирање и ставање во повторна функција било на негов грб.

-Материјалната штета е огромна. Моја слободна проценка е дека ќе ми требаат барем 70.000 евра за да се среди. Кров, прозорци, инвентар, кујна, сето тоа треба да се прави од темел. Ја имам поддршката од семејството да истраам, тука се и многубројните пријатели кои веднаш по настанот се јавија.

Верувајте, толку многу пораки не добивам ниту на мојот роденден! Стотици луѓе се јавија, и речиси сите ме прашаа како издржувам, како тоа духот не ми е скршен во ваква мачна ситуација. Мене лично, најважно ми е тоа што нема жртви, нема повредени, материјалното се надоместува – вели музичарот.

Додава дека целиот персонал од локалот е покрај него цело време, сите биле како едно големо семејство.
Појаснува дека Камин Кама пак ќе заживее, а настанот го сфатил како животна порака дека од секое лошо, кога – тогаш ќе излезе нешто добро.

-Оваа случка ми донесе многу пораки. Жива вистина е дека лошото мора да донесе добро. Лошото си отиде. Со целата поддршка која ја добивам од вчера, грев е да потклекнам, со крената глава одам напред, благодарен на сите кои застанаа покрај мене – ни изјави Толевски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости