Грците купуваат само археолошки предмети од времето на Александар Македонски

by Фокус 19:00
19:00

Текстот е објавен на 26-ти септември 2008-ма година во неделникот „Фокус“ во бројот 691

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

- Advertisements -

Според Милан Ивановски, археолог кој веќе 35 години работи во областа на заштита на културните споменици и на националното богатство на македонскиот народ, Македонија со години наназад е своевидно Ел Дорадо за археолошката мафија. Како советник-конзерватор во Националниот конзерваторски центар, следната година оди во пензија, а во неговото работно досие можеби најголем дел зафаќа ангажманот во врска со дивите копачи и организираната археолошка мафија, која тргува по светот со скапоцени македонски археолошки предмети. Како илустрација за тоа е археолошката збирката предмети од Исар-Марвинци, запленета од трговците со артефакти пред три години. Тој материјал на неговото биро стигнал преку полициска акција, изведена токму во една новогодишна ноќ, кога бил прекинат еден од главните канали за транспорт на вакви предмети во странство.

– Комплетната збирка е запленета токму за време на дочекот на Новата 2005-та година, а мене ми се јавија на 2-ри јануари 2005-та за да ги идентификувам предметите. Станува збор за многу вредни работи, кои датираат од 7-ми и 6-ти век пред нашата ера па наваму, а потекнуваат од локалитетот „Лисичин дол“, односно од една од некрополите во Исар-Марвинци.

Бандите што се занимаваат со оваа работа, имаат своја мрежа, која почнува од локалните координатори, извршителите на теренот, односно наемните работници што копаат, па преку газдите, кои ја вршат продажбата, до луѓето кои ги пренесуваат предметите преку граница. Се разбира, тоа е што се однесува до организацијата на работата на територијата на Македонија. Инаку, копањето најчесто се врши ноќе, доколку преку денот терен веќе прецизно е маркиран.

Секако, при таквите диви копања се уништува голем дел од материјалот, но мафијата не се грижи за тоа што е уништено туку само за тоа што ќе успеат да го извадат од земјата. За утврдување на точната позиција на некоја некропола, на пример, порано се користеа примитивни сонди, направени од метални шипки, односно еден вид голем сврдел со кој се доаѓа до плочата на гробот. Откако ќе се дојде до плочата, копачите ја почнуваат својата работа. Сега мафијата има многу пософистицирана техника за откривање на одредена локација, но таквите апарати често знаат да ги измамат, зашто реагираат исто на конзерва од Првата светска војна и на фибула од римско време.

Овие предмети што ги гледате, за среќа, останаа во Македонија, но, за жал, многу повеќе се изнесени надвор од државата. Освен скулптурите на римските божества од теракота, кои потекнуваат од 2-ри век, а се нарекуваат хуеродули, што на латински е некаков инсект на богомолка, поврзан со култот на Афродита, таа новогодишна ноќ беа запленети и белезици од бронза, тежок ѓердан што се носел во  специјални прилики, затоа што е многу тежок, а му припаѓа на свештено лице, потоа фибули, кои, исто така, не се за секојдневна употреба, ламби од теракота, монети од римско време и друго.

Само од локалитетот Исар-Марвинци, македонското Ел Дорадо за трагачите по закопано богатство, досега се запленети над 5.000 предмети, а се смета дека барем уште најмалку толку предмети се изнесени од земјата. Трговијата се одвива преку неколку раце, при што најевтино ова скапоцено археолошко богатство од нашите локалитети се продава во  Македонија.

Тоа најмногу се должи на стравот од откривање, па за да се ослободат од „стоката“ што поскоро, криминалците копачи ја продаваат топтан за многу малку пари. Според моето досегашно искуство, вкупниот материјал што  го гледате пред мене, на нашиот интерен пазар би се продал за околу 800 евра. Ситните дилери во мрежата на археолошката мафија секако би биле задоволни и со таа цена, затоа што тие во неа не вложиле ништо, односно ја купиле од копачите можеби само за сто или двесте евра. Значи, ако дилерите во Македонија успеале на странски купувач да ја продадат оваа збирка за 800 евра, односно ако тоа е цената на таканаречената прва рака, тогаш втората рака не е пониска од 8.000 евра.

Се разбира, за да се постигне таа сума, оваа скапоцена „стока“ треба да се префрли преку еден од шверцерските канали во некоја од соседните земји, поточно во Грција или Србија. Шверцерскиот канал преку Србија води кон Европа и Америка, а оној во Солун е само за Грција, односно за потребите на националната и политичка стратегија на нашиот јужен сосед.

Главниот откупен центар е лоциран на еден солунски факултет, кој го откривме при запленување на пратка многу вредни македонски артефакти наменета за тој пазар. Грците плаќаат сериозни суми, но само за предмети од железно време и од епохата на македонската античка држава.

Од друга страна, трговијата со Белград е чист бизнис. Таму нема политика. Кога оваа збирка од Исар-Марвинци би стигнала на црниот пазар со артефакти до Белград, цената од трета рака може да се искачи дури и до 60.000 евра. Сега можете да замислите колку пари поминуваат низ рацете на археолошката мафија, особено ако се знае дека Македонија, во тој поглед, како што реков, сѐ уште е своевиден Ел Дорадо за дивите копачи, трагачи по закопаното богатство – вели Милан Ивановски, еден од најискусните стручњаци од оваа област, кој со години работел на откривање, идентификација и спречување на трговија со вредни археолошки предмети од Македонија.

СКОПСКА АНТИКВАРНИЦА ВКЛУЧЕНА ВО ТРГОВИЈАТА!

Според Ивановски, клонот на нашата археолошка мафија од Македонија досега има изнесено огромно национално богатство, кое не може да се процени во пари, но доколку сепак се врши некаква финансиска проценка, сумата што е заработена од овој црн бизнис сигурно се мери со милиони евра. А колку Македонија има изгубено со тоа, не може да се спореди ни со милијарди! Само во бизнисот поврзан со прочуениот локалитет Исар-Марвинци кај Гевгелија, во еден период биле вклучени неколку стотина локални жители, кои имале своја, „приватна“ територија за „експлоатација“ на овој своевиден археолошки рудник. Секоја група копала само на својот дел од локалитетот, а тоа што ќе било пронајдено веднаш било откупувано од археолошката мафија за нарачатели од Грција или за европскиот пазар на артефакти и антиквитети. Подолг период во овој црн бизнис била вклучена и една позната антикварница од Скопје, која работела со трговци од Белград и од Солун.

– Како држава поинтензивно почнавме да се занимаваме со проблемот на дивите копачи и трговците со артефакти дури по осамостојувањето. И веднаш кога почнавме со акцијата за спречување на ваквата нелегална трговија, имавме наш човек уфрлен во мафијата што се занимаваше со ископување и пласирање на археолошкото богатство надвор од државата. Нашиот човек играше улога на посредник што обезбедува пласман на предметите кои се ископуваат од локалитетите во Македонија.

Благодарејќи на неговите податоци беа пресечени неколку разработени шверцерски канали. Во една прилика тој ни даде информација дека кај него има голем број предмети, за кои треба брзо да се реагира за да не завршат во странство. Истата ноќ заминавме кај него, но, се разбира, не смеевме да ги одземеме, затоа што неговиот живот беше во опасност. Единствено што можевме да направиме беше да ги исцртаме сите предмети, да ги идентификуваме, да ги регистрираме и да следиме што ќе се случува со нив наредните неколку дена, како би можеле да ги фатиме трговците на лице место.

Стануваше збор за разнороден материјал од Марвинци, а од тоа што го видов таму буквално „ми штукна умот“. Првпат гледав толку скапоцен материјал од бронза, а меѓу сето тоа и еден сребрен прстен од 3-ти век пред нашата ера. Прстенот го гледав со лупа. Беше прекрасно изработен. Имаше релјефно моделиран исправен легионер на македонската фаланга! Главата му беше толку прецизно изработена со детали што не ги бев видел дотогаш. Со левата рака држеше огромно копје, двапати повисоко од него, а до десната нога му беше штитот со шеснаесеткракото македонско сонце. Ги пребројав со лупата краците на сонцето: беа точно шеснаесет!

Се јавив кај тогашниот министер, со молба таа збирка собрана од дивите копачи од Исар-Марвинци некако итно да ја откупиме, а притоа да не му наштетиме на човекот што работеше за нас. За жал, за таква „трговија“ требаше соодветна одлука, што значи требаше да поминат ден-два додека се  одобрат потребните средства. А, замислете, комплетната збирка, археолошките криминалци ја нудеа за само 800 германски марки! Само прстенот со војникот на Александар Македонски со шеснаесеткракото сонце, доколку сега беше во Македонија, не би можел да се процени со никакви пари.

За жал, збирката не остана во Македонија. Судбината сакаше, следната година, заедно со колегата Илчо Бојчевски, да заминеме на Саемот на антиквитети во Белград. На штандот на еден шверцер со артефакти, кој се викаше Лалиќ, ја видов комплетната збирка од Исар-Марвинци, која ние претходната година не успеавме да ја откупиме за 800 марки! Се разбира, не му реков ништо за тоа, но се интересирав за цената. Бидејќи студирав археологија во Белград,  и одлично, без акцент, зборувам српски, одглумив лаик кој сака да купува, па ги тргнав само најлошите предмети од бронза. За неа извесниот Лалиќ побара 5 000 марки. Јас божем се согласив, а тој, претпоставувајќи дека сум добар, ама неупатен купувач, наводно специјално за мене цена на коплетната збирка ја спушти на 60 000 германски марки. Тогаш некој дофрли дека сум полицаец, па Лалиќ набрзина собра сѐ од тезгата и замина колку што можеше побрзо.

Каде завршила таа скапоцена збирка од Македонија, особено скапоцениот сребрен прстен на легионерот на Александар Македонски, не знам. Можеби по овој разговор некој ќе се јави и ќе каже. Знам само дека навистина е голема, непроценлива штета што не успеавме да ја откупиме комплетната збирка, која од прва рака, во Скопје, се нудеше за само 800 германски марки – се сеќава Ивановски на еден од поинтересните случаи од трговијата со македонски артефакти.

ПАЗАР ВО БОСНА

Освен кон пазарот во Белград, еден крак од мрежата на археолошката мафија оди и кон Босна, но многу вредни македонски археолошки предмети, според Ивановски, имаат завршено и на „црната берза“ за антички предмети во Солун.

– Грчките трговци со артефакти, односно, посредно, грчката држава, најмногу се интересира за предмети од античка Македонија и од железно време. Материјал од другите периоди не купуваат, затоа што имаат, а и не им треба од политички аспект. Се разбира, станува збор за стратегија која има одредена цел. Имам проверени сознанија дека грчките трговци со ваков материјал, често, од патриотски причини, ѝ го подаруваат тоа што ќе го откупат од Македонија на државата Грција, односно на музеите. Во таа работа посредник е еден факултет во Солун, каде што студираат и деца на наши побогати сонародници.

Според мене крајната цел на грчкиот интерес за откуп на сѐ што е од периодот на Античка Македонија е еден ден да кажат: „доста е, дај да видиме што имате вие, а што имаме ние“. Големата нервоза кај нашиот јужен сосед, меѓу другото, се должи и на нашата зголемена археолошка активност, најголема досега, особено во истражување на нашите археолошки локалитети од железно и од античко-македонско време. Во тој поглед тие беа спокојни и радосни кога таа работа ја вршеа дивите копачи, кои, всушност, работеа за нив.

Знаете, за време на Југославија, во Македонија намерно се форсираше истражување само на римско време, избегнувајќи ја колку што може епохата на Александар Македонски на овие простори. Се разбира, во меѓувреме, Македонија беше Ел Дорадо за трагачите по закопано богатство. Во тоа време, на пример, е уништена огромна археолошка површина од 250х250 квадратни метри од некрополата во Марвинци. Откако Македонија стана самостојна држава, односот кон археолошкото богатство и археолошките локалитети сосема се промени, а и полицијата доби законска рамка многу поактивно да се вклучи во откривањето и следењето на дивите копачи.

Меѓу другото, на пример, тогаш беше фатен главниот организатор на уништувањето на некрополата во Марвинци. Имаше вештачење, материјалот беше одземен, но судските казни беа многу благи. Во Гевгелија, на пример, судијата, кога му ги покажаа предметите откопани кај Марвинци, се чудеше за што треба да суди. Човекот немаше поим дека станува збор за скапоцено богатство, за дел од историјата на Македонија и на македонскиот народ. Истиот судија јавно призна дека да ги видел тие предмети на улица, ќе ги шутнел, мислејќи дека се некаков градежен отпад.

Имаше злосторства против националното културно богатство, и злосторници, се разбира, кои потплаќаа судии и обвинители, па добиваа ослободителни пресуди. Згора на тоа мораше да им се врати материјалот што им беше запленет во акциите што ги вршевме заедно со полицијата. Се сеќавам дека на тројца криминалци им беше вратен целокупниот материјал, а тоа беа најчестозбирки од по 1.000 предмети, какви што нема ниту еден музеј во внатрешноста на државата.

Најголем дел од тој материјал сигурно сега е во странство, но имаше и такви „стручњаци“, коиси правеа приватни збирки за да се фалат меѓу пријателите. Еден шверцер со артефакти од Скопје, замислувајќи се како сопственик на некаков приватен музеј, имаше дури и 10 класери за евиденција на „својот“ археолошки материјал. Според евиденцијата што ја имаме, во 1992-та година, на пример,само во Марвинци беше утврдено дека копале околу 400 лица, а газда на „проектот“ беше еден златар од Валандово, кој сега е покоен.

Истрагата утврди дека копачите работеле за дневница, а дневницата зависела од тоа што ќе се најде, па се движела од 50 до 100 германски марки. Такви дневници нема ни во Америка, па затоа во тој регион тогаш владееше археолошка треска како златната треска во Америка.

НЕКОИ КОПАЧИ СЕ ПЛАШАТ ОД ГОСПОД

Во својата долгогодишна кариера поврзана со заштитата на македонското културно наследство, Милан Ивановски имал многу други интересни случаи, кои му останале во сеќавање до ден денес. Еден од нив е и оној што се случил во 1982-та година во Дебар, поточно во населбата Селокуќи на денешната македонско-албанска граница:

– Во тоа време директор на Управата за заштита на културните споменици во Македонија беше Драги Тозија. Тој ме викна во неговиот кабинет, велејќи дека одобрил 4.000 германски марки за да  заминам во Дебар, каде што извесен Милаим Бесим открил многу интересен гроб во својата нива. Грбот случајно бил откриен при орање на една од нивите во маалото Таринеш, а првично имаше информации дека во него ќе треба да се најде голем златен крст.

Ја најдовме куќата на Бесим, но дома беше само неговата сопруга; тој бил заминат во странство, каде што работел. Жената ни кажа дека нивата ја купиле од еден соселанец, но тој не им кажал дека во неа има гроб. Кога ја орале за да  посеат пченица, Бесим со ралото ја закачил плочата. Истиот ден почнал да копа, ја исчистил плочата и врз неа нашол сребрен послужавник и еден филџан.

Дијатреба, ископана од гроб во дебарско

Според неговата сопруга, кога ја кренал плочата видел некакви предмети, извадил еден од нив, му заличил на череп, па го вратил во гробот, ги ставил внатре послужавникот и филџанот, и повторно го покрил гробот со плочата, па го затрупал со земја. Сепак, можеби черепот го фрлил надвор од гробот, а можеби тоа и не било черепот, туку скапоцената стаклена чаша од 4-ти век, таканаречена  дијатреба, најубава стаклена чаша од римско време. Во гробот имаше околу 20 предмети.

Пред да дојдеме ние на локацијата, многу златари од Дебар, Тетово, Гостивар и Скопје доаѓале кај Бесим со големи финансиски понуди за да им каже каде е гробот, но тој, како што ни рече неговата сопруга, сите ги одбил велејќи им дека не сака да има проблем со Алах. Како и да е, гробот беше спасен, а во него ја најдовме дијатребата, скапоцена стаклена чаша, која сега е единствена таква чаша во Македонија, и една од само 16-те такви во светот.

Нашата е последно откриена чаша. Пред неа, како петнаесетта дијатреба во светот, беше онаа што беше откриена во Јамбол, Бугарија. По нашата чаша не е откриена ниту една таква чаша во светот, а местото каде што е најдена всушност ја маркира најужната точка на европската цивилизација од тоа време. Колку е значајна таа чаша и дијатребата, зборува и фактот што меѓу огромното археолошко наследство на балканските земји, за една репрезентативна изложба во Њујорк, во селекција на американски стручњак, од Македонија беа избрани токму тие две работи пронајдени во нивата на Милаим Бесим од Селокуќи, дебарско.

При ископувањето на локалитетот утврдивме дека станува збор за осамен гроб, кој бил лоциран на самата граница меѓу Епир и Македонија, а веројатно во него бил погребан некаков работник на царинарницата која најверојатно била во непосредна близина. Тоа се потврдува со вредната фибула или еден вид римска безопасна со која се прикачувала наметката над рамото.

Фибула (вид безопасна игла со која се закачуваат двата крја на наметка) пронајдена во 1982-ра во гроб во дебарско

На фубулата што ја најдовме во овој гроб на едната страна беше испишано името на Лициније Први, а на другата Лициније Втори, совладетели на Константин Велики, што значи дека станува збор за фибула која означува статус на висок функционер. Таа е меѓу неколкуте во светот со изгравиран натпис на император. Ние имаме две вакви фибули, но онаа што беше најдена во Зелениково е роденденска фибула на девојка, која нема натпис од император, туку само изгравирана желба: „Живеј долго“. Фибулата со императорска посвета ја однесовме во „Рубин-Кармин“, каде што проценија дека чистотата на златото е 1.000.

За споредба, сега најчистото злато во светот има чистота што се бележи со 400, а тоа значи дека не ни е ни педесет отсто од другиот метал што се става во златото. Освен чашата и фибулата, во гробот  имаше и една сребрена, позлатена чинија, тешка околу два килограми, потоа голем, стаклен сад за чување мирис, разни други мали стаклени шишенца-балсамари и друго. Кога завршивме со ископувањето, една група дебарчани, веројатно поттикнати од археолошката мафија, се обидоа да спречат артефактите да ги изнесеме од Дебар, но со асистенција на полицијата тие на крајот сепак стигнаа во Музејот на Македонија во Скопје.

Сега тоа е една од нашите најекслузивни збирки, односно една од највредните што ги имаме во Македонија од тој период. Репрезентивната, скапоцена чаша,таканаречената дијатреба од голем келнски тип, ја конзервираше Јован Петров. А замислете, картонската кутија во која беа сместени предметите, ја донесов со автобус, но на секое застанување на автобусот на станица се симнував и јас за да внимавам некој да не ја грабне кутијата од багажникот – раскажува Ивановски.

Според него, тоа што полицијата, заедно со надлежните институции за заштита на културното богатство во последната акција заплени огромен материјал откопан од Исар-Марвинци, само ја потврдува констатацијата дека во Македонија сѐ уште има диви копачи кои тргуваат со националното богатство, но и тајни депоа каде што се чуваат вакви предмети откопани во поранешните години, и за кои археолошката мафија чека цена и начин да ги префрли преку граница. Во тој контекст Ивановски споменува и случај кога на преминот Богородица, но на влез во Македонија, бил фатен шверцер со голема збирка археолошки предмети. Сите предмети потекнувале од Исар-Марвинци, а најголем дел од нив била скапоцена теракота од римско време. А зошто ги враќал назад? Затоа што факултетот во Солун, кој на диво го координира откупот на артефакти од Македонија, не е заинтересиран за римско, туку само за античкомакедонско време. Според Ивановски, шверцерот во Македонија ги враќал само оние предмети што не успеал да им ги продаде на Грците.

– Во Гевгелија и Дојран постојано има лица кои се занимаваат со овој црн бизнис, а како покритие се користи тоа што во близина има казина или стоматолошки ординации. Се разбира, не земаат секакви предмети туку строго определени артефакти. Многумина од нив се многу добро упатени во археологијата, па знаат добро да проценат што купуваат. За разлика од нив, на север оди буквално сѐ што ќе се откопа од некој локалитет во Македонија. Преку дивите премини се пренесуваат разни археолошки предмети, почнувајќи од најситни па до најкрупни, како што се, на пример, глави на статуи.

Во 1996-та година, кај Куманово, на див премин, беше фатен тракторист со кошеви во кои носел пченка. Кога ја истуриле пченката виделе дека кошевите имаат двојно дно, а таму биле скриени огромен број најразлични артефакти, па дури и цела камена скулптура со помали димензии на Херакле. Најголем дел од предметите повторно беа од Исар-Марвинци, но имаше и од некои локалитети во делчевско. Освен артефактите, шверцерот пренесуваше и автоделови, па ја молеше полицијата да му земат сѐ, само да му ги остават археолошките предмети, зашто газдата ќе го убие ако се врати без нив.

Во соработка со колегите од Србија, дознавме дека главниот канал за трговија со артефакти од Македонија за Србија води преку Бујановац. Имавме податоци дека станува збор за огромни пратки, кои ѝ носат големи пари на археолошката мафија, а само од една мала споредба може да се види дека станува збор за многу доходовен „бизнис“.

На пример, еден мал кантарос, мал сад од теракота, дивите копачи од Марвинци го продаваат 200-300 денари, зависно од зачуваноста. Штом се пренесе тоа мало археолошко парче преку граница, во Белград, цената му е од 200 до 300 евра, а во Базел вреди веќе над 2 000 евра. Според тоа,  археолошката мафија навистина заработува огромни пари, а нашите диви копачи го уништуваат македонското национално богатство за мизерни две-три пива во кафеана – вели Милан Ивановски, завршувајќи со надежта дека со големите активности што се случуваат последниве неколку години на археолошки план, Македонија конечно ќе им ги пресече каналите на луѓето кои ја распродаваат душата на Македонија, мислејќи дека ќе се збогатат преку ноќ.

Поврзани новости