Грчките партии реагираат на признавањето македонски јазик и македонска националност во договорот

by fokus

Постоењето македонски јазик и македонска националност во договорот меѓу Македонија и Грција се главните забелешки од грчките опозициски партии кај јужниот сосед, откако беше постигнато решение меѓу двете земји.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, коментарите од опозициските партии во Грција се негативни, според досегашните јавни настапи, изјави и соопштенија и веројатно е дека нема да го поддржат договорот. Енигма останува дали можеби партијата Река сепак ќе заземе поразличен став од Движењето за промена, но она што е сигурно е дека на утрешната расправа во грчкиот парламент, сите партии ќе ги отворат картите и ќе ја изразат нивната позиција.

Од опозициските грчки партии, Сојуз на централисти и Златна зора, како и коалициониот партнер во владата, Независни Грци, не се согласуваат со сложено име со вклучен термин Македонија, па според тоа веројатно е дека би гласале против договорот.

Владиниот портпарол и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Реал фм“ изрази надеж дека кога македонската страна ќе ги заврши сите предвидени обврски и договорот дојде во парламентот, ќе биде прифатен од поширокото парламентарно мнозинство.

– До овој момент она што го гледам е дека Река, Движење на демократски социјалисти, Демократската левица, даваат изјави на позитивен начин во однос на договорот, рече Ѕанакопулос споменувајќи ги централно левичарските партии дел од коалицијата Движење за промена во кое е и ПАСОК.

Лидерката на ПАСОК, Фофи Генимата коментирала дека договорот е лош, додека пак лидерот на Река, Ставрос Теодоракис, лидерот на Движењето на демократски социјалисти, Јоргос Папандреу и атинскиот градоначалник Јоргос Каминис, според грчките медиуми, рекле дека и покрај тоа што договорот има некои „сиви точки“, се движи во позитивна насока.

Генимата, како што претходно објави МИА, рече дека доколку во ревизијата на Уставот се вклучи и прилагодување на националноста и јазикот согласно со новото име и доколку поканата за интеграција во НАТО се достави по завршувањето на процесот, тогаш договорот би можел да биде прифатен.

Од Комунистичката партија на Грција не се согласуваат со договорот и ја обвинуваат грчката влада дека дава „писмо со препораки“ за интеграција во НАТО и прифаќа македонски граѓанин и македонски јазик.

И покрај тоа што се дел од коалиционата грчка влада, Независни Грци имаат дијаметрално спротивен став во однос на СИРИЗА и исто како и Златна зора и Сојуз на централисти, не прифаќаат сложено име со вклучен термин Македонија.

Поврзани новости