Грчкиот амбасадор Харис Лалакос заминува од Македонија

by Фокус

Амбасадорот на Грција во Македонија Харис Лалакос, по неполни три ипол години, деновиве заминува од Скопје. Оди во Вашингтон, каде ќе биде новиот грчки амбасадор во САД. Лалакос е вториот грчки амбасадор, по Александрос Маљас, кој од Македонија оди во САД, што е доказ за високото рангирање на овие амбасадорски места во грчката дипломатија.

Преместувањето на амбасадорот Лалакос од Скопје во Вашингтон, се смета во дипломатските кругови, претставува унапредување и соодветно признание за неговиот придонес во почетното нормализирање на односите меѓу Македонија и Грција. По заемните официјални посети на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Козиас во Скопје и на македонскиот шеф на дипломатијата Никола Попоски во Атина, нешто што се случи по 15 години, се договорија Мерки за градење на доверба за кои дијалогот продолжува. Во периодот на амбасадорувањето на Лалакос, беа остварени и повеќе посети на Атина на високи владини функционери на ДУИ, меѓу кои и на нивниот лидер Али Ахмети.

На местото на Лалакос, се дознава, иако сѐ уште не е официјално потврдено, треба да дојде Димитрис Јанакакис, сегашен амбасадор на Грција во Унгарија.

Поврзани новости