Граѓанската иницијатива за укинување на задолжителната вакцинација ќе се разгледува по изборите

by fokus

Граѓанска иницијатива за донесување закон за изменување на Законот за заштита на населението од заразни болести на 129 граѓани ќе биде разгледана на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците по завршување на вториот круг од претседателските избори. Седницата на Комисијата што требаше да се одржи денеска и на која требаше да се расправа за граѓанската иницијатива, не се одржа поради немање кворум.

– Имајќи предвид дека е изборен процес и дека немаме кворум ние суштински денеска не можеме да работиме. Од тие причини оваа седница ја сметам за затворена. Веднаш по обезбедувањето деловнички услови тоа би било по завршување на вториот круг од изборите, 5 мај, 6 мај евентуално 7 мај, оваа иницијатива ја ставаме на дневен ред на Комисијата за политички систем и на неа верувам ќе имаме доволен број пратеници за која ќе донесеме став, истакна заменик-претседателот на Комисијата, Чедомир Саздовски.

Предлагачот на иницијативата, Елена Павлеска рече дека расправата се одложила, но не знаат поради кои причини. Таа изрази надеж дека во зададениот рок, што го кажа заменик-претседателот на Комисијата, седницата ќе биде одржана најверојатно на 6 мај и 7 мај.

– Иницијативата е за промена на сегашниот закон каде стои задолжителна вакцинација, и да биде преименуван и да биде право на избор на родителите. Не сме против вакцинација, туку само сакаме сето тоа да биде ублажено и родителите да имаат поголема сигурност, да биде дозволено тие да одлучат кога ќе го вакцинираат детето и да се знае од каде доаѓа вакцината, што таа содржи и луѓето да бидат сигурни. Да престане оваа игра со здравството, со поминат или непоминат рок на вакцините, сето тоа сакаме да биде како што треба. Тогаш луѓето ќе имаат сигурност, за да ги вакцинираат сопствените деца. Само се бориме за некои промени кои се наметнати да бидат ублажени и тоа да биде законски срочено, додаде Павлеска.

Поврзани новости